Поделија пораки за толеранција, љубов, разбирање меѓу луѓето

Ученици од скопската гимназија „Никола Карев“ го одбележаа 21 септември, Светскиот ден на мирот. Дваесетина ученици ја посетија општината Карпош и на вработените им поделија пораки за толеранција, љубов, разбирање меѓу луѓето и превенирање конфликти, особено меѓу младата, училишна популација. Тие беа придружени и од дваесетина ученици од основното општинско училиште „Лазо Трповски“ од Карпош.
– Општината Карпош беше пример за ширење мир, толеранција и позитивни вредности кај младите – вели претставникот од „Цивилмедија“ и професор во гимназијата „Никола Карев“, Елвира Мустафа.

Претседателот на Советот на општината Карпош, Андреј Манолев, ги пречека младите гости и ги задржа во краток разговор, на кој си разменија заеднички визии за напорите што ги прави општината во насока на ширење позитивни вредности и подобрување на нивното секојдневно живеење.

Во одбележувањето на Светскиот ден на мирот, во посета на локалната администрација дојдоа и членовите на Мировниот клуб, Кристијан Кулевски и Жарко Ванески, кои порачаа дека токму денеска треба да се искаже ставот контра психичкото и физичкото насилство меѓу младите, да ја разбудат свеста и кај родителите и кај учениците, а на жртвите на оваа појава да им укажат дека секогаш има некој што стои зад нив, ги поддржува и дека ќе им бидат достапни во секое време. Инаку, одбележувањето на настанот „Светски ден на мирот“, кое почна со посетата на општината Карпош, вклучи и централен марш на млади ученици и активисти што ќе појдат од спомен-обележјето на „Мајка Тереза“ на градскиот плоштад.