Има улици во градот, на кои трипати им било променето името Фото: Маја Јаневска-Илиева

Поради честите промени на имињата на улиците или на броевите, граѓаните се соочуваат со низа ситуации во кои најчесто не само што се принудени да трчаат од шалтер до шалтер за да извадат нови документи, туку се изложени и на трошоци што мораат да ги платат. И не е само тоа, се случува да залутаат поштенските пратки или на различни имиња на улицата да се праќаат сметки за струја, вода…

Промените на имињата на улиците или на броевите им го комплицираат животот на граѓаните што живеат на таквите улици. Тие се соочуваат со низа ситуации во кои најчесто не само што се принудени да трчаат од шалтер до шалтер за да извадат нови документи со новото име на улицата, туку се изложени и на трошоци што мораат да ги платат колкави и да се. Многу често се случува граѓани што живеат на улица со променето име да добиваат поштенски пратки со старото име или број, а ако поштарот не го знае тоа, може сешто да се случи. Деновиве, пак, граѓани што се дел од исклучените од парно, а кои морале да приложат документи за да бидат ослободени од паушал повторно се соочиле со проблеми во документацијата, која им била со различни имиња на истата улица на која и претходно и сега живеат.

Честите промени на имињата на улиците им носат нервози на граѓаните. За сите нивни проблеми ги обвинуваат градските власти, односно политичките гарнитури, кои како што се менуваат на власт, така си прават нови преименувања на градските улици. Првите преименувања се случија по осамостојувањето на земјава, особено кога власта ја презеде ВМРО-ДПМНЕ кога се бришеа имиња поврзани со Југославија и се ставаа имиња на истакнати личности од македонската историја. Имаше дури и расправии помеѓу градските советници чии имиња на улици да поминат.
Во тој период улицата и градскиот плоштад „Маршал Тито“ беа преименувани во улица и плоштад „Македонија“. Името на сегашниот булевар Александар Македонски беше замена за поранешното име Едвард Кардељ. Познатата улица Ленинова сега е Аминта Трети, а улицата Вељко Влаховиќ е преименувана во Димитрие Чуповски. Сегашната сообраќајница Климент Охридски порано беше булевар ЈНА. Булеварот Октомвриска револуција сега се вика 8 Септември. Поради секоја промена на имињата на улиците скопјани морале да менуваат многу документи, бидејќи тие и официјално добиле нови адреси. Голем дел личните карти ги менувале откако ќе им истечел рокот на важење, но многумина и не стигнале да направат измени на сета друга документација. Други, пак, и не помислиле дека тоа треба самите да го направат, бидејќи мислеле дека институциите самите ќе го сработат тоа. За жал, има примери каде што тоа не се покажало дека е така.

– Живеам во Црниче и сметката за струја ми стигнува на една адреса, за вода на друга, а поштенските пратки на третото име на улицата. Дури се случи поштенска пратка да не ми стигне, бидејќи беше онлајн-нарачка и ја следевме, заклучивме дека нешто не е во ред, па со часови ја баравме во пошта за да не ни биде вратена. Не би се случувале вакви работи, ако сите овие претпријатија тоа самите да го исправат откако градот ќе донесе одлука за менување на името на улицата. Сега јас треба да трчам насекаде и да ги исправам работите. Сметам дека градот по службена должност требало да ги извести сите институции и тие да си направат промена во документацијата на сите граѓани што живеат на улиците со променети имиња – вели жител од населбата Црниче.
Но од Агенцијата за катастар и недвижности, велат дека тоа не го прават по службена должност.

– Процедурата за промена на адресни податоци во лист В во имотен лист (викано место) е по барање од странка, односно поднесување пријава за промена во Агенцијата за катастар на недвижности, со претходно обезбедена потврда од градот Скопје, која се доставува во прилог. АКН не врши промена на улици по службена должност – ни одговорија од кабинетот на директорот м-р Борис Тунџев на АКН. Ова значи дека за веродостојноста на податоците во однос на адресите граѓаните сами треба да се погрижат, а за тоа треба да издвојат и време, бидејќи институциите не го прават тоа за нив. Но убаво би било ова прашање да биде решено по службена должност.


Вадејќи нови документи, се пропуштаат рокови кај други институции

Жителка од улицата Димитрие Чуповски, поранешна Вељко Влаховиќ, стравува дека ќе го пропушти рокот за приложување документација пред БЕГ, само поради тоа што мора да ги менува податоците на имотниот лист, кој ѝ е одамна изваден на старото име на улицата. Тој не е усогласен со личната карта, која, пак, е на новото име, а двата документа мора да ги приложи до снабдувачот со топлинска енергија БЕГ, ако сака за претстојната грејна сезона да се ослободи од плаќањето паушал. Компанијата со писмо ги известила исклучените, па и таа како и сите исклучени од парно за да добие статус на исклучен потрошувач, кој нема обврска да плаќа месечен надоместок за ангажирана топлинска моќност, потребно е да пополни формулар и да приложи валидни документи, копија од имотен лист не постар од 30 дена и лична карта на увид, најдоцна до 31 мај 2019 година. Барањата поднесени по овој датум и година БЕГ ќе ги земе предвид за следната грејна сезона 2019/2020 година.
Тоа значи дека оваа скопјанка ако навреме не ја обезбеди потребната документација, ќе мора да плаќа паушал уште една грејна сезона. Таа вели дека дури и во катастарската електронска евиденција нејзиниот дом се води на старото име на улицата, па од катастарот сега ја препратиле во градот, каде што треба да реагира за да се изврши катастарската промена на новото име на улицата, па дури потоа да добие нов имотен лист. Откако ќе плати за извадената потврда треба да ја приложи до катастарот за да добие нов имотен лист.
Ваквите ситуации само укажуваат на тоа дека навистина нешто треба да се менува за да не се малтретираат граѓаните. Ако институциите се законски обврзани меѓусебно да ги усогласуваат податоците, тогаш навистина граѓаните ќе се спасат од ваквите проблеми.
[email protected]