Огромен интерес кај граѓаните побуди проектот „Скопје вежба“, кој во изминативе три месеци го реализира Град Скопје во соработка со Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. Во текот на 44 дена, дури три илјади граѓани од различни возрасти ја искористија можноста бесплатно да вежбаат и да се рекреираат на отворено со тим од стручни лица од Факултетот за физичко образование.
– Се вежбаше гимнастика, аеробик, пилатес, бокс, моторика, јога, голф и фудбал, на шест локации, под будното око на 20 професори и соработници. Проектот „Скопје вежба“, кој почна на 17 мај, имаше цел да им помогне на граѓаните да го подобрат своето здравје и да ја одржат физичката форма. Вежбите се одржуваа секој работен ден, по 18 или 19 часот, на две локации во Градскиот парк; паркот кај „Три бисери“ во Аеродром; паркот во Ѓорче Петров; кај „Веро“ во Тафталиџе, во Карпош, и паркот во Чаир. Неделно се организираа по 33 спортски активности – информираат градските власти.
Град Скопје финансиски го поддржа овој спортско-рекреативен и забавен проект со 500 илјади денари.