Со одлука на последната седница, градот и официјално го основа акционерското друштво за енергетски дејности. Основачкиот капитал што се предвидува изнесува 250.000 евра, како нужен капитал потребен за почнување со работа на акционерското друштво. По донесувањето на одлуката и нејзиното нотирање преку „Службен гласник на Скопје“, ќе се пристапи кон одржување акционерско собрание на кое ќе бидат донесени потребните акти за упис на друштвото во Централниот регистар на Македонија.
Основни надлежности на новото претпријатие ќе биде снабдување со природен гас и топлинска енергија, како и работи од јавен интерес од значење за градот. Надлежностите се утврдени со Законот за градот Скопје.
Оваа одлука беше донесена на последната седница, на која на дневен ред беше ребалансот на буџетот. Градските власти сметаат дека со новото друштво за енергетски дејности, граѓаните на Скопје ќе добијат брзо и евтино приклучување на системот на топлинска енергија. Со тоа ќе започне и процесот на гасификација на градот.
На завчерашната седница, со предлогот за изменување и дополнување на буџетот на градот Скопје за 2018 година, вкупниот буџет се зголемува за 80 милиони денари, што претставува зголемување од 1,3 отсто во однос на првичниот.