Во сите објекти на градинките на територија на општината Карпош почна дезинфекција и чистење на душеците од детските креветчиња, за да се отстранат сите вируси, бактерии и микроорганизми. Во рамките на оваа акција ќе се изврши дезинфекција и на теписите, откако претходно целосно се дезинфицираа и просториите во овие предучилишни установи. Овој период, додека дечињата се во своите домови, се користи за максимално да се издигне нивото на хигиена во објектите. Од Општина Карпош информираат дека во таа насока, компанијата „Клин макс“, која е овластена за спроведување највисоки стандарди за хигиена и заштита, веќе ги дезинфицира душеците од креветчињата во градинката „Орце Николов“ во Карпош 4, без никаков надомест.

– Пандемијата на коронавирусот нѐ натера сите да водиме поголема грижа за личната и јавната хигиена. Нашата цел е овој тип активности да продолжат и по ковид-19, затоа што оваа дезинфекција ги штити најмладите од секојдневни вируси и бактерии и спречува појава на алергии и астма – вели градоначалникот Стефан Богоев.
Чистењето се врши со посебен метод и со користење УВЦ-технологија, докажана во уништување бактерии, вируси и други патогени микроорганизми. УВЦ-методот се користи и во светски рамки, затоа што ефикасно се справува со микроорганизмите што може да се најдат во душеците и негативно да влијаат врз здравјето на луѓето, особено кај децата со проблеми со астма и алергии.