Револуционерната идеологија треба да ја јакне македонската држава и сите нејзини задачи и атрибути кои во денешно време се ставени под прашалник. Ова беше истакнато на денешниот научен симпозиум – 129 години ВМРО „Борбата за Македонија која трае“, што денеска го организираше ВМРО-ДПМНЕ во Скопје. На симпозиумот се обрати партискиот лидер Христијан Мицкоски кој истакна дека за Внатрешната Македонска Рецволуционерк/на Организација биле и ќе бидат дадени многу животи, а дека на младите политичари останала привилигијата да го бранат најмалиот народ на Балканот – Македонскиот.

-На новата генерација политичари во ВМРО-ДПМНЕ е честа, обврска и привилегија да го брани најмалиот народ на Балканот, а тоа е македонскиот народ. И тоа можеби е голем предизвик, но јас сум убеден дека ние сите можеме да одговориме на тој предизвик, онака како што само знаееме и умееме – цврсто, храбро и мотивирано – рече Мицкоски.

Тој порача дека иднината е она за која сите ние треба да се бориме, да обезбедиме иднина на поколенијата кои ќе дојдат после нас, а за тоа, како што рече, потребен е голем општествен договор кој значи обединување и отворање на ВМРО-ДПМНЕ кон општествените елити, кон различни структури на луѓе, кон младите, професорите, лекарите…

Обраќање на Симпозиумот имаа и генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓи Сајковски и универзитетската професорка Наташа Котлар.

На денешен ден во 1893 година во Солун било формирано Македонското револуционерно движење чија цел била создавање современа македонска држава.