Сакам да го пренесам обновениот интерес на Шпанија и нашата поддршка во вашиот процес на пристапување кон Европската Унија, што ќе биде многу присутен од јули оваа година. Отворањето на преговорите во јули минатата година е еден голем чекор, изјави шефот на шпанската дипломатија Хосе Мануел Албарез Буено, на заедничката прес-конференција во Скопје со неговиот домаќин министерот за надворешни работи Бујар Османи.
-Минаа многу години пред министер за надворешни работи од Шпанија да дојде во овој регион. Ние сакаме да ја зајакнеме нашата соработка. Претседавањето на Шпанија со ЕУ се совпаѓа со претседавањето на Македонија со ОБСЕ и сигурно ќе има синергии меѓу нашите две претседавања и дека ќе можеме да работиме заедно за аспекти што се многу важни во овие толку сложени времиња за Европа – рече Албарез.
Тој додаде дека односите меѓу Шпанија и Македонија се зајакнуваат и стануваат уште поблиски, а напредува и економската соработка.
Османи искажа задоволство што оваа прва историска билатерална посета на министер за надворешни работи од Шпанија на нашата држава се случува во предвечерието на 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи следната година меѓу двете држави и воедно во пресрет на преземањето на претседателството со ЕУ од страна на Мадрид, како силна порака на поддршка на нашиот европски пат.