Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) на денешното изборно собрание, кое се одржува во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, треба да избере претседател за наредниот четиригодишен мандат, како и членови на органите и телата на Здружението.
За функцијата претседател се кандидирани тројца новинари, Младен Чадикоски, досегашниот претседател на ЗНМ, новинарката Филијана Кока и новинарот Марјан Николовски.
На Собранието присуствуваат 456 новинари и медиумски работници од вкупно 815 колку што се зачленети во Здружението, а досега покрај изборот на комисиите за работа на комисијата присутните го усвоија извештајот за работата на ЗНМ и финансискиот извештај за 2022 година.
Со тајно гласање новинарите ќе одлучат кому ќе му ја дадат својата доверба за да го предводи ЗНМ во наредниот период.
Фотографии: Маја Јаневска – Илиева