Фото: Министерство за здравство

Состојбата со евентуален бран на бегалци од Украина засега е мирна и досега единствена здравствена услуга на бегалец од Украина е раѓањето на едно девојче во Гинеколошката болница во Чаир, вели во интервју за МИА министерот за здравство Беким Сали, во врска со евентуалните стравувања за зголемувањето на бројките на новозаразаени со ковид-19, доколку бегалскиот бран се прелее во Македонија.

Околу 2,7 милиони бегалци досега ја напуштиле Украина. Неодамна Меѓународната федерација Црвениот крст и Црвената полумесечина (ИФЦР) изразија загриженост дека војната во Украина би можела да доведе до зголемување на бројот на новозаразени со ковид -19 како во Украина, така и во нејзините соседни земји. Македонија не е сосед, но сепак надлежните кај нас повеќе пати нагласуваа дека се подотвуваат за евентуален бран бегалци.

– Засега ние немаме наплив на мигранти од Украина и тие малку што се, во помал број, се згрижени. Досега не сме имале некоја посебна потреба од итна здравствена услуга, освен раѓањето на едно девојче во Гинеколошката болница во Чаир. Тоа е единствената услуга засега што сме ја пружиле на мигрант. Досега немаме ни најава за доаѓање, за пристигнување на некој одреден број на мигранти. Меѓутоа, сепак ние како Министерство сме организирани и спремни за пречекување. Неколку болници сме ги назначиле како „црвени зони“, односно точки каде што би можеле да пристапуваат евентуално новодојдените мигранти и сметам дека сме доволно спремни за пречек – нагласува Сали за МИА.

Министерот за здравство во интерјуто за МИА, кое целосно ќе биде објавено утре со видеоматеријал, говори и за моменталната состојба со ковид-19, за ковид-мерките, состојбата со вакцинација, колективниот имунитет, но и генерално за останатите проблеми со кои се соочува здравствениот систем.