Фото: Игор Бансколиев

Зошто итно ни е потребна образовна и демографска стратегија

Дека младите сѐ повеќе се одлучуваат да заминат на студии надвор од Македонија покажува последното истражување на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, според кое, интересот за студирање на средношколците надвор од државата е зголемен речиси на 21 отсто

Последните истражувања покажуваат дека е зголемен бројот на младите Македонци што одлучуваат да студираат на некои од факултетите надвор од матичната држава. На глобално ниво овој тренд не е нов, но доколку младите од другите држави одлучуваат да заминат на студии во странство, тоа го прават за да запознаат нова култура, да научат нов јазик или да стекнат нови искуства и пријателства. Но главниот мотив на македонската младина е економскиот фактор, односно вработувањето во државата во која се одлучиле да студираат. На долг рок, овој тренд негативно се одразува врз Македонија и експертите посочуваат дека истовремено е потребна образовна политика, но и демографска стратегија како онаа на Република Словенија, која не само што ги задржува сопствени млади лица туку привлекува млади и од соседните држави, вклучувајќи и од Македонија.

Студиите во странство станаа приоритет за домашните студенти

Истражувањето на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип покажува дека матурантите од четири региони од Македонија годинава заминале на студии во странство, а најчесто се одлучуваат да заминат во Словенија и во Бугарија. Универзитетскиот професор Страшко Стојановски вели дека истражувањето покажало дека интересот за студирање на средношколците надвор од државата е речиси дуплиран, односно од 13 проценти пред пет години, сега процентот е зголемен на 21 процент.
– И можеме веќе да согледаме некои податоци и одредени тенденции иако премногу рано би рекол, бидејќи имаме само две вакви истражувања. Има уште едно истражување што се однесуваше на миграции што минатата година го презентиравме. Тоа се општи ставови на младите по однос на прашања на миграции, а ова истражување се однесуваше на образовна мотивација за миграција на младите во прв ред и се однесуваше на матуранти, односно на ученици во трета и четврта година во средните училишта. Од четири плански региони, најголем дел од училиштата беа опфатени. Значи тоа се дваесетина средни училишта од 13-14 града во овие региони, почнувајќи од Североисточниот, Источниот, Југоисточниот и Повардарскиот плански регион – вели професорот Стојановски.

Споменатиот професор исто така посочува дека Македонија како држава и општество има сериозен одлив на квалитетно младо население. Кога зборуваме за надворешната миграција, таа се класифицира како бренд дека најумните отишле од државата, а што прават оние што останале тука, тие не спаѓаат во таа категорија, вели Стојановски.

Кој е главниот мотив да се студира во странство?

На светско ниво младите одлучуваат да студираат во странство за да се стекнат со најдобар можен квалитет на образованието и не случајно избираат да заминат во САД, Обединетото Кралство или во Австралија. Овие држави имаат високоценети системи за високо образование, а огромен процент од највисокорангираните универзитети во светот се токму од овие неколку држави. Светските истражувања исто така покажуваат дека младите од другите држави, како што се Франција или Шпанија, студираат во странство бидејќи на тој начин имаат можност да искусат поинаква култура од матичната држава, но и да научат нови јазици. Но во суштина младите Европејци одлучиле да студираат во странство затоа што имаат повеќе можности за кариера, затоа што работодавците сѐ повеќе ги ценат дипломираните студенти со меѓународно искуство и образование.

Доколку трендовите на глобално ниво се во правец на подобра кариера, младите од Македонија се одлучуваат да студираат во странство поради економски причини, односно по завршувањето на високото образование се надеваат да пронајдат подобро платена работа во државата во која заминале, бидејќи се незадоволни од платите во матичната држава. Дека младите сѐ повеќе се одлучуваат да заминат на студии надвор од Македонија покажува последното истражување на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, според кое, интересот за студирање на средношколците надвор од државата е зголемен речиси на 21 отсто. Познавачите велат дека оваа состојба пред сѐ се должи на економскиот фактор и градењето професионална кариера, со што Македонија е лишена од идниот кадар што може да придонесе во нејзиниот развој.

Според универзитетскиот професор Страшко Стојановски, мотивацијата главно е поврзана со перспективи и со некакви економски критериуми, а тоа го покажало и истражување, според кое, младите посочиле дека економскиот фактор е клучен фактор за миграција и градење на професионалната кариера надвор од државата.
– Околу 30 проценти не би студирале од средношколците. Кога се работи за образовна мотивација, тука не можеме да зборуваме веднаш „ад хок“ за трајно иселување на младите, односно тоа е само индикатор дека може да постои тенденција. Тоа иселување привремено, кое би било поврзано со дополнување на образованието, односно премин од секундарно кон терцијално, понатаму во иднина се придвижува кон трајно иселување. Младите доколку по претпоставка се социјализираат во тие држави, доколку изградат доволно конекции, доколку имаат можности за вработување, тие се разбира дека би останале – вели Страшко Стојановски.

Оваа појава станува сериозен проблем, а дали има решение?

Познавачите посочуваат дека доколку сакаме да го спречиме заминувањето на младите, потребни се нови образовни политики, но и анализа на политиките на некои од другите држави. Во оваа конотација, професорот Стојановски како пример ја посочува Словенија, која нема обична образовна политика, туку класична демографска стратегија, а образовниот аспект е само елемент во таа демографска стратегија на Словенија да привлекува население од други држави.
– Словенија го има тоа решено. Еден од аспектите е само оваа образовна политика што ја прават на начин со кој би привлекле евентуално население, бидејќи овие образовни програми се однесуваат на државите од Југоисточна Европа, кои се дел од Западен Балкан, со исклучок на Хрватска, и привлекуваат население буквално од бившите југословенски простори. Претпоставка е дека културолошки се блиски, претпоставувам дека правеле анализи и сумирања пред да ги направат ваквите стратегии и тоа го реализираат во пракса привлекувајќи студенти. Понатаму кога ќе бидат тие студенти во трета или четврта година, на добар дел од нив им се нудат и работни места и едноставно општеството е поинклузивно кога се работи за инкорпорирање на потенцијалните млади луѓе што доаѓаат од околните региони – посочува Стојановски.

Дека словенечката стратегија е успешна покажува и примерот со Емилија Стојменова-Дух, словенечка министерка за дигитализација, по потекло од Македонија. Таа во 2002 година добива стипендија за програмата Меѓународна матура на „Друга гимназија“ – Марибор, а нејзините постдипломски студии во целост биле финансирани од Бирото за развој на кадри на Република Словенија.

Во интервјуто за „Нова Македонија“, Емилија Стојменова-Дух вели дека Македонија има многу сличности со Словенија, особено кога зборуваме за храната, природата и добрите луѓе. За жал, имам впечаток дека негативната кадровска селекција со години влијае на тоа условите да бидат различни од овде, особено кога станува збор за јавните сервиси. Се надевам дека новите генерации политичари разбираат дека не станува збор за нив или за партиите од кои доаѓаат, туку за целата држава и нација. Се надевам дека најдобрите кадри нема да бидат индиферентни, ќе се ангажираат и ќе направат сѐ за подобра иднина на целото општество, вели Стојменова-Дух. Д.Ст.