Во Општата болница со проширена дејност „Борка Талески“ – Прилеп, по одржаниот состанок на Комисијата за интерна контрола на работата на здравствените работници, а во врска со случајот на починатите близначиња, формирана по барање на директорот, д-р Кире Јоноски, донесени се заклучоци по кои ќе се постапи. Ова доаѓа по одлуката на ДЗСИ за поведување прекршочна и дисциплинска постапка.
Преку соопштение од болницата изјавија дека од прегледот на собраната медицинска документација било утврдено дека мајката го прекинала болничкиот третман на сопствено барање, за што постои нејзин потпис во соодветната документација.
-За време на болничкиот престој, новороденчињата биле третирани согласно принципите на медицината базирана на докази и во согласност со интерните процедури на неонатолошкото одделение, вклучително и нивниот испис на барање на родителот. Во најскоро време, потребно е да се ангажира социјален работник, кој ќе го засили тимот и ќе придонесе кон подобрување на севкупното функционирање на установата – велат од болницата.
Двете близначиња од с. Славеј, едното дома, другото во болница, починаа на 16 јануари – првично, според информациите од болницата, од премрзнување. Беше извршена обдукција на телата на новороденчињата, но се уште не се познати причините за нивнат смрт. Истрагата продолжува велат од ОЈО Прилеп.
Во меѓувреме, Меѓуопштинскиот центар за социјални работи – Прилеп ги презеде сите мерки во согласност со нивните надлежности, бидејќи родителите се приматели на родителски и детски додаток и имаат три други малолетни деца.
Ка.М.