Фото: З.А.

Планинарско-спелеолошкото друштво „Бистра“ од Кичево, утре по трет пат го организира меморијалот во чест на еден од возобновувачите на планинарењето на овие простори и долгогодишен претседател на друштвото, Сашо Божиноски.

-Утре по трет пат ПСД „Бистра“ Кичево го организира меморијалот Сашо Божиноски, во чест на прерано починатиот планинар и поранешен претседател на друштвото. Во текот на утрешното претпладне ќе биде посетена локацијата каде е поставена спомен плочата во месноста Кадроец во близина на манастирот „Свети Ѓорѓија“ село Кнежино, при што на покојниот Божиноски ќе му биде оддадена должна почит по повод третата годишнина од неговата прерана смрт – истакна Зоран Јованоски претседател на ПСД „Бистра“ Кичево.

Тој упати отворен повик до планинарите и почитувачите на Божиноски, за учество на овој традиционален марш и го соопшти планот како ќе се одвива утрешниот марш.

-Поаѓањето ќе биде од Кичево, преку Крушино до месноста Кадроец во 8 часот наутро од градската автобуска станица. Должината на маршутата е околу 6 километри и оваа патека спаѓа во редот на патеки од лесна категорија. Учесниците на маршот треба сами да одлучат дали со себе ќе понесат ранец или не, но секако ќе мора да поседуваат заштитни средства во случај на врнежи од дожд – додаде Јованоски.

Сеќавање на минатогодишниот меморијал / Фото: З.А.

Инаку Сашо Божиноски во својот долгогодишен планинарски стаж се искачил на речиси сите врвови на Балканот, а има истражено и голем број пештери како во кичевијата така и пошироко. З.А.