Фото: З.А

Високите температури во текот на октомври, највисоки од почетокот на нивното мерење, позитивно се одразија врз потрошувачката на огревно дрво кај граѓаните на Кичево, бидејќи наместо да почне грејната сезона кон средината на октомври и сега кога сме на крајот од месецов, мал број локални жители ги загреваат домовите. Топлото време ќе им помогне да заштедат одредена количина огревно дрво, кое ќе им биде добредојдено во периоди кога времето е постудено.

– Најтоплиот октомври откако паметиме беше крајно дарежлив за нас граѓаните на Кичево, бидејќи надворешните температури кои повеќе наликуваа на лето отколку на есен, ни овозможија без да затоплуваме да престојуваме во домовите. Се надеваме дека и во дел од ноември интензитетот на ложењето ќе биде помало ако се земат во предвид долгорочните метеоролошки прогнози, кои најавуваат нешто потопол ноември споредено со претходните години. Временските прилики ќе ни овозможат, ако ништо повеќе барем да заштедиме еден кубик дрва, кои ќе бидат добредојдени во периодот на пролетта кога времето е непредвидливо и доста студено, како што тоа беше случај во претходнава година – вели Томе Вељаноски, граѓанин.

Неговото согледување го делат и повеќето негови сограѓани кои домовите ги загреваат со дрва и се надеваат дека метео прогнозите ќе се остварат и тие во ноември со помала количина на дрва ќе имаат топли домови, а тие залихи на дрва ќе ги искористат во зимскиот период кој е постуден.

– И да посакавме не можевме да добиеме поубав месец од овој октомври, кога и ноќните температури беа далеку над нулата, а тоа ни овозможи без да трошиме огревно дрво да го протуркаме месецов. Времето ни оди во прилог и ако се има во предвид дека дрвата се се поскапи и потешко се доаѓа до нив, овие временски прилики се навистина нашиот сојузник и божји благодет – нагласи Јовче Цветаноски, жител на Кичево.

З.А