фото: Зоран Антоски

Сточарите од Кичевско-Бродскиот регион својот револт поради неисплатените субвенции за добитокот за 2021 година, ќе го искажат со блокади на патиштата и тоа на магистралниот пат Кичево-Скопје, најавуваат од Здружението на сточари од овој регион.

– Ние сточарите од Кичевско-Бродскиот регион, но и од други делови во земјава, го загубивме трпението поради доцнење на исплатата на субвенциите за добитокот за 2021 година, кои требаше да бидат исплатени во првиот квартал од оваа календарска година. Токму од тие причини ги најавуваме и блокадите на патиштата во регионот со акцент на магистралниот пат Кичево-Скопје. Бидејќи и сами сте сведоци колку се подигнаа цените на храната за добитокот и сите други трошоци што го следат одгледувањето на добитокот, а субвенциите сѐ уште останаа само празно ветување од страна на МЗШВ. Не би сакале да веруваме дека и понатаму исплатата на субвенциите за изминатата година нема да се случи, што ќе нѐ примора да ги реализираме најавените блокади на патиштата – вели Ајрадин Бајрами, претседател на Здружението на сточари од Кичево.

Тој наведе дека почнувајќи од житото, крмата, сеното и другите продукти за исхрана на добитокот, имаат далеку повисоки цени од лани, а субвенциите ќе беа вистински лек за проблемите што ги предизвика енормното зголемување на цените за одгледувачите на добитокот.

Наведе дека не само што не се исплатени субвенциите, туку истите се и намалени, така за една крава субвенциите од 2500 денари по едно грло се намалени на 1800 денари. Соочени со сите проблеми дел од сточарите размислуваат да престанат и да се занимаваат со сточарство.

З.А.