„Браќа Манаки“ во август цели осум дена

Годинава ИФФК „Браќа Манаки“ ќе се одржува од 20 до 27 август во Битола.
Фестивалот ќе трае подолго, дури осум дена и ќе изобилува со програми.
– Имаме 14 играни филмови, 12 во кратката програма, ја враќаме документарната програма, студентската програма повторно ја враќаме, ќе имаме гости од светски академии за филм и маккорнер-програмата. Годинава имаме исклучителен добитник, кој се смета за пионер на дигиталната камера и е првиот оскаровец што добил „оскар“ за филм снимен со дигитална камера, а тоа е Ентони Дод Ментл, снимател на филмовите на Ларс фон Трир, на Дени Бојл и голем број холивудски филмови. Сестран кинематографер со документарни остварувања на дигитални долгометражни и краткометражни филмови. Како и браќата Манаки, вистински пионер во својата област. Тој ќе ни дојде и ќе биде гостин во Битола, ќе ја прими наградата што е симболот и знакот на нашиот фестивал – истакна директорот на ИФФК „Браќа Манаки“, Мони Дамовски.
За дел од долгометражната програма информира селекторот Слаѓан Пенев.
– Оваа година ќе имаме 14 филма, ќе има и по два и по три филма во една вечер во големата сала во Домот на културата во Битола, но се надевам дека публиката ќе биде задоволна од изборот и ќе го имаме она што е најдобро годинава во кинематографијата. „Тркалото на среќата и фантазијата“ од Рјусуке Хамагучи би го издвоил од насловите што ќе ги имаме, канскиот победник „Триаголник на тагата“ исто така ќе се прикаже во Битола, последен што ќе го откријам е шпанскиот филм „Алкарас“, кој е добитник на „златна мечка“ во Берлин – посочи Пенев.
Директорот Дамевски потенцираше дека фестивалот овие две години се фокусира на пионерската работа.

– Веруваме дека треба да ги чествуваме оние што се пионери во кинематограферската работа, луѓе што отвораат нови видици, визии, естетики, луѓе што се општествено ангажирани, се обидуваат да зборуваат преку таа визура и своите естетики за сето она што се случува во светот, луѓе што овој фестивал ќе го доживуваат како семејство, оти ИФФК „Браќа Манаки“ е семејство за кинематограферите – дополни Дамевски.
Селекторката на документарната програма, Кумјана Новакова смета дека ИФФК „Браќа Манаки“ е многу важен фестивал за виталноста на нашето општество.
– ИФФК „Браќа Манаки“ како фестивал со најдолго искуство и традиција има некако посебна одговорност да биде простор на промени и простор на креативна храброст. Овие два концепти го дефинираат и програмскиот концепт на документарната натпреварувачка програма оваа година. Програмата е простор на промени, зашто 70 проценти ги потпишуваат жени, односно женскиот сензибилитет отвора нов израз и претставува промена на традицијата со која сакаме да раскинеме. Од друга страна, простори на креативна храброст затоа што со селекцијата влегуваме во докуфикцијата и на хибридните филмски јазици – рече Новакова.
Таа ги издвои „Три минути продолжување“ и „Фабриките на работниците“, а соопшти и дека жирито на документарната програма е составено од жени.
Марија Апчевска е селекторка на кратката програма на годинашното издание на фестивалот.

– Ставен е фокусот на кратки филмови што имаат извонредна фотографија, бидејќи кинематограферот е значаен за наративот филмот. Имаме селектирано 12 филма од целиот свет. Особено ми е задоволство што во изборот имаме и филмови што се снимени од жени кинематографери, бидејќи тоа сѐ уште е поле во кое доминираат кинематограферите. Имаме и наши домашни македонски филмови, тоа е традиција што ја негуваме во сите програми. Тоа се филмови што веќе биле на светски фестивали, наградувани се, но и имаме нови гласови, филмови на режисери и кинематографите чие време допрва доаѓа, а тие во Битола ќе уживаат на нашиот фестивал – изјави Апчевска, која рече дека нѐ очекува одлично издание.
Ѓорѓи Пулевски е селектор на студентската програма. Годинава околу педесетина студенти од повеќе светски академии за филм доаѓаат во Битола на фестивалот и ќе присуствуваат на мастеркласовите, проекциите…

– Задоволство ми е што ги најавувам враќањето и надградувањето на студентската програма, која ја нарекуваме „Први чекори“. Тоа е една визија на фестивалот, кој е една појдовна точка на младите кинематографери, им даваме елан, инспирација и препознавање на нивниот квалитет и талент. Ако претходно студентската програма имаше регионален карактер, сега е проширена. Втората поважна промена е трансформацијата на студентската програма од ревијален во натпреварувачки карактер. Избравме 18 филма од 17 земји во селекцијата од најголемите филмски академии од Лондон, Виена, Полска, Чешка, Минхен, Мадрид итн. Ќе одлучува интернационално жири, а најдобриот кинематографер ќе добие кристална камера 300 – информира Пулевски.