Фото: З.А

Во соработка со месна заедница од село Велмевци и под покровителство со општина Демир Хисар, ПСК „18-ти август“ Скопје утре го организира првото меморијално искачување на врвот Лиска, по повод 119 години од загинувањето на легендарниот вовода Јордан Пиперката, кој е погребан во близина на село Велмевци во месноста Черешна.

-Според програмата искачувањето е предвидено да се одржи на 14 август, недела, со почеток од 7 часот од село Велмевци. До врвот се оди по широка и обележана патека која во поголемиот дел минува низ густа букова шума и е потребно време од 3,5 часа за искачување до врвот Лиска. Сите заинтересирани планинари искачувачи, кои ќе бидат учесници на овој марш, потребно е да се во добра здравствена и психо-физичка кондиција. Сите учесници треба да се членови или да се приклучат кон одреден планинарски клубови. Завршницата на ова искачување ќе биде во 15 часот со свечениот собир пред споменикот и гробот на Јордан Пиперката и неговите соборци, каде ќе има и доделување на благодарници за учество на овој настан од страна на градоначалникот на општина Демир Хисар – информира Сашо Димитриески жител на село Велмевци.

Инаку врвот Лиска 1908 метри надморска висина е највисокиот врв на Илинска планина на масивот Бигла, од каде се пружа неповторлива глетка на цела Југозападна Македонија се до Охриското и Преспанското езеро.

З.А