Фото: З.А.

Паралелно со стандардните производи, последниот кичевски казанџија, Коста Галиман, во последно време се повеќе ја истакнува својата креативност со изработка на нови производи нетипични за казанџиството. Така, покрај изработката на бакарни штитови кои веќе беа претставени на првата изложба организирана во Кичево во јуни, тој изработува чудесни фигури од старо железо и во изминатите неколку месеци има повеќе од 30 изработки, кои ќе бидат претставени наесен, кога ќе се случи и премиерната изложба на овие изработки.

– Долгогодишното бавење со казанџиштвото до таа мерка ми ја зголеми инвенцијата што почнав секојдневно да размислувам какви се производи можам да создадам од бакар или старо железо. Пред десетина месеци почнав од старо железо да создавам фигури кои што се нетипични за мојот занает, со кои ја надополнувам богатата креативност која во себе ја носам од мали нозе – вели  креативниот Коста и нагласи дека секое парче старо железо во неговиот дуќан ќе добие своја намена во новите фигури.

Фото: З.А.

Тој добива идеи за нови креации дури и од делови на старо железо.

–  Ниту едно парче старо железо што го имам во мојот дуќан нема да остане неискористено и сите ќе бидат во служба на новите фигури кои допрва ќе ги создадам. Дури поедини делови старо железо со формата што ја поседуваат веќе ми даваат идеја што може да искреирам од нив и така се надополнуваат новите идеи со нови форми и  големини, уникатни според сите карактеристики -додава последниот кичевски казанџија и посакува сите негови изработки  да бидат претставени на мегаизложба најпрво во родното Кичево, а потоа и низ останатите градови во земјава. З.А.

Фото: З.А.