Фото: Општина Битола

Со полагање на букети свежи цвекиња пред споменикот на загинатите бранители „Ангел”, кај Саат кулата и споменикот кај поранешната касарна „Стив Наумов”, им беше оддадена почит на прерано загинатите битолски бранители: Влатко Миленковски, Благојче Силјановски и Пеце Матичевски од Битола и Новаци, кои на 5 јуни 2001 година, во близина на селото Гајре, ги загубија своите животи.
На комеморацијата почит на загинатите бранители им оддадоа воени резервисти, припадници на баталјонот на Воената полиција од Битолскиот корпус во конфликтот од 2001 година. Во нивна чест, во име на општина Битола, на двете локации цвеќе положи заменик-градоначалникот Бојан Бојковски, како и семејствата на загинатите, колегите, воени старешини, делегации од политичките партии, Сојузот на борци и други поединци и здруженија.
Организатор на комеморативните настани беше Министерството за одбрана – Регионално одделение за одбрана Битола, кои покрај чествувањето на претходно споменатите локации, организираа полагање цвеке и на гробовите на загинатите во Битола и Новаци.
Во одбележувањето на денот на загинувањето на битолските бранители, во спортската сала „Боро Чурлевски“ се одржа меморијалниот турнир во мал фудбал. М.М.