Фото: ДУИ

Како што се случи со Преспанскиот договор, така треба да се случи и со Договорот за добрососедство, и уставните измени ќе се случат, изјави денеска лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети, на одбележување на 21-годишнината од основањето на партијата.

– Со вклучувањето на заедниците, Бугарите, Црногорците и другите да бидат уставна категорија, ќе се затвори едно историско поглавје за нашите сограѓани Македонци и конечно ќе се легитимираат како нација и култура на меѓународно ниво и за ова ја имаат нашата најголема поддршка, истакна Ахмети.

Тој побара од опозициската ВМРО-ДПМНЕ да ја согледаат, како што рече, грешката што ја направиле со Преспанскиот договор и сега да се солидаризираат кон легитимирање на нацијата и интегрирање на земјата во ЕУ.

Демократската унија за интеграции (ДУИ) денеска со панел дебата насловена „Европски фронт“ и обраќање на лидерот на партијата Али Ахмети одбележа 21 година од основањето. Тој во обраќањето нагласи дека „Фронтот за Европа“ е отворен за сите партии без разлика дали тие се во власта или опозиција.