Фото: МИА

Екологијата во високото образование се изучува како опција, а не како посебна и базична студиска програма. За да се зголеми свесноста за заштитата на животната средина, еколошките прашања и темите за одржливиот развој треба да бидат инкорпорирани во сите области во образованието, дури и во предметите мајчин јазик и од уметностите, а децата уште од најмала возраст да се учат и воспитуваат дека кон околината и природните ресурси треба да се однесуваат совесно и одговорно.

Ова се заклучоци од денешната научно-стручна дебата „Заштита на животна средина, климатски промени, одржлив развој и високото образование во Република Северна Македонија“ која ја организираше Независниот академски синдикат (НАкС).

Академик Владо Камбовски, претседател на Платформата за еколошка правда, во обраќањето истакна дека децата уште од најрана возраст треба да се научат да ја почитуваат средината во која живеат тие и во која ќе живеат некои идни генерации. Како што рече, постојано се говори само за слобода и права, а се заборава должноста која поединецот, меѓу другото, ја има и кон животната средина.

Тој посочи дека прашањата за заштитата на животната средина пред 30-ина години биле маргинални, а сега се главна тема и се актуелни, што се должи, како што рече, на алармантниот облик што го доби заштитата на животната средина и тоа што „човештвото како да се отрезни и излезе од некој длабок сон и почна итно да бара излезни решенија“.

Во врска со нашиот Устав кажа дека тој ја предвидува заштитата на животната средина меѓу основните вредности, како и индивидуалното (поединечно) право на човекот на здрава животна средина, но дека тоа е без некои поголеми ефекти, зашто не е инструментализирано т.е. остварено со примена на правни механизми.

– Со нашата иницијатива Платформа за еколошка правда упорно го туркаме концептот дека нашите судови треба да се осмелат за широко толкување на Уставот, да прифатат поединечни тужби од граѓани за заштита на правото за здрава животна средина, правото на здрав воздух, правото на заштита од бучава, кој е втор по сериозност извор на загрозување на човековото здравје. Неколку обиди со иницијативи Уставниот суд да реагира, завршуваат со реакција од Судот дека тој со Уставот нема изрично предвидени надлежности да решава за индивидуалните права… Еден од значајните предизвици за нашиот натамошен развој на уставно-правниот поредок е сериозни идни промени на Уставот. Тоа се значајните промени на Уставот. Ние за Уставот разговараме за промени кои се однесуваат, според мене, за значајни теми од секојдневниот живот, но не за егзистенцијални теми – истакна Камбовски, додавајќи дека се потребни промени кои ќе го внесат, пред сѐ, правото на одржлив развој согласно глобалните цели на Обединетите нации и на Универзалната декларација за човековите права.

Проф. д-р Мимоза Ристова од Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје рече дека науката за заштита на животната средина се развива во два правца – првиот е усовршување на технологијата и унапредување на науката за заштита на Земјата, а другиот правец е да се преселиме на Марс, затоа што Земјата е до точка на уништување од која нема враќање.

Според неа, треба да се зборува за циркуларна економија при што ресурсите ќе се користат економично, ќе се прават продукти што не загадуваат при производството и кои потоа се враќаат во производниот процес. Таа смета дека „зелените чекори“ треба да бидат во образовниот систем на кој му треба промена.

– Циркуларните економии имаат цел да минимизираат отпад и да промовираат одржлив развој. Притоа едукацијата игра круцијална улога… Почнувајќи од реформа во високото образование од каде ќе го лиферуваме кадарот кој потоа ќе се „симне“ до најниските делови, односно до претшколска возраст и ќе воспитуваат за љубов кон Земјата, љубов која ќе биде сочувствителна за да ги почувствуваме нејзините болки и така ќе знаеме дека Земјата треба да се лекува и лекот треба да го дадеме ние – рече проф. Ристова.

Таа нагласи дека темите од екологијата и заштитата на нашата планета покрај во предмети од природните науки треба да бидат и до 20 отсто застапени во сите курикулуми, дури, рече, и во Македонскиот јазик и литература, во странските јазици, а во сликарството да се употребуваат бои од природата наместо хемиски.

Проф. д-р Марина Малиш Саздовска од Факултетот за безбедност – Скопје се осврна на еколошката едукација на Битолскиот универзитет при што посочи дека содржини се застапени во трите студиски циклуси, често надополнуваат други програми, а нема фокус на чисто еколошки теми.

– Од 11 единици вкупно на нашиот Универзитет, само две студиски програми имаме директно насочени кон заштитата на животната средина, што е навистина многу мал број. Имаме значителен број на магистерски и докторски трудови, некои од нив и за доста специфични теми. Така што има одредени движења, но тоа се истражувања во рамки на УКЛО и понатаму не го гледаат светлото на денот и пошироко – рече Саздовска.

Една од заложбите на Битолските универзитет, посочи таа, е развивање мрежа на докторанди, организирање годишни конференции за споделување искуства и најдобри практики и укажа дека, меѓу другото, е потребно високообразовните и научни институции да ги следат светските текови и да понудат студиски програми во областа на заштитата на животната средина.