Фото: З.А.

Со средства што ги обезбеди Министерството за образование и наука, наскоро во Кичево во склоп на најголемата училишна зграда на ОУ„ Санде Штерјоски“ ќе биде изграден уште еден училишен објект, каде наставата ќе ја следат учениците кои моментално учат во прастар училишен објект без соодветни услови за современо следење на наставата.

– Благодарение на Министерството за образование и наука во наредните две до три години учениците кои моментално ја следат наставата во најстариот училишен објект во градот, ќе се преселат во нова училишна зграда која ќе биде изградена во склоп на најголемиот училишен објект на ОУ„ Санде Штерјоски“ во населба Календарица. Средствата за оваа намена во износ од 650 000 евра веќе се обезбедени и до крајот на оваа или почетокот на идната календарска година ќе започнат градежните активности -рече Раим Пињоли, директор на најголемото основно училиште во општина Кичево со над 1.400 ученици од прво до деветто одделение.

Пињоли нагласи дека според годината на раѓање во оваа учебна година во нивното училиште во прво одделение требало да се запишат над 450 првачиња кои живеат во овој дел од градот, но наместо оваа бројка во прво одделение се запишани само околу 150 ученика, додека останатите над 300 деца или се определија да се запишат во другите основни училишта во градот или како што е тоа случај со одредена популација и воопшто да не се запишат во прво одделение. З.А.