фото: М.М.
Новинарот од Битола, Мартин Николовски е добитник на наградата за новинарство, која „Битолски весник“ веќе 20 години посмртно ја доделува во чест на прерано починатиот новинар Тоде Петревски.
Мартин Николовски е дипломиран новинар на Факултетот за комуникации при Универзитетот Хаџи Бајрам Вели во Анкара, Република Турција.
Тој во 2023 година се стекна со втора диплома за завршени двегодишни додипломски студии на насоката медиуми и комуникации на Анадолу Универзитетот од Ескишехир, Турција.
Мартин Николовски својата новинарска кариера ја почна на својата 13-годишна возраст, кога  за првпат се појави на телевизиските екрани како водител на детска програма на регионалната телевизија Тера.
По завршувањето на студиите, тој ја продолжи својата кариера во националните медиуми во Скопје. Беше дел од телевизија Телма, ТВ21 и Македонското радио – Радио Скопје.
Од минатата година, Мартин Николовски е дел од редакцијата на „Гласот на Америка“ на македонски јазик во Вашингтон, САД.
Тој е добитник е на голем број на награди и признанија во Македонија и во странство, меѓу кои и наградата за најуспешни битолчани што ја доделува „Битолски весник“ во 2014 година, како и награда од Турската радио и телевизија (ТРТ) за учество на награден конкурс на тема „Истанбул – град на два континента“ во 2014 година.
Наградата за новинарство, која Битолски весник ја доделува постхумно во чест на починатиот новинар на Радио Скопје, Тоде Петревски, на добитникот Мартин Николовски свечено ќе му биде доделена в понеделник во Офицерскиот дом во Битола.
М.М.