Иако најголемиот дел од работата сечачите на дрва во Кичево ја имаат во текот на летото и дел од есента, сепак и во зимскиот период има домаќинства кои поради недостаток на дрва вршат вонредни набавки. За да ги прилагодат дрвата за ложење, истите ги сечат со одредена должина, за што ги ангажираат сечачите на дрва присутни во градот. Тоа го потврдува и еден од најпознатите сечачи, Војче Илиоски-Окац.
– Главниот дел од работата го имаме во текот на летото и првите месеци од есента. После овој период спласнува нашиот ангажман, но не ретко нѐ повикуваат граѓани и жители од селата кои дополнително набавиле дрва за огрев. Така и во изминатите три месеци наши сограѓани не ангажираа за да им пресечеме дрва за преостанатиот дел од грејната сезона, а во најголем дел се работи за количини од три до четири кубика, во зависност од потребите – вели Илиоски.
Тој потенцира дека цената на работата за кубик пресечени дрва е нешто повисока споредено со летниот и есенскиот период.
– Бидејќи не сме секојдневно ангажирани, лицата што ќе нѐ ангажираат во тој период плаќаат нешто повисока цена, бидејќи специјално за нивните потреби треба да ја запалиме машината да потрошиме повеќе гориво и да ја завршиме работата во не најпогодни услови – објаснува Илиоски.
Тој посочи дека услугите во селата се поскапи поради далечината и подолгиот пат.
Ако имаме повик од селата, тогаш цената е над онаа за која сечеме во градот, поради далечината што е поврзана и со зголемена потрошувачка на нафта. Мора да биде и повисока од причина што времето е постудено и мораме два-три часа да работиме на отворен простор, и дрвата поради ниските температури и влагата се многу потешки, а потрошувачката на гориво на машинатае далеку поголема споредено со летниот период – додава Илијоски.
.Корисниците на кои им е неопходно да пресечат дрва не прашуваат за цена, бидејќи не постои друг начин да ги подготват дрвата за затоплување на домовите-заврши популарниот Окац.
Ги потсетува граѓаните дека за добро согорување на дрвата и помало аерозагадување мора и оџаците секогаш да бидат чисти. З.А.