Фото: З.А

Поголема група планинари од Кичево во првиот ден од оваа календарска година го изведоа традиционалното новогодишно искачување на планината Илиница.

Оваа традиција е востановена пред неколку години и во првиот ден по највеселата ноќ љубителите на овој спорт го реализираат искачувањето на врвот на планината Илиница.

– Како и претходните години така и годинава првиот ден од новата календарска година го реализиравме традиционалното искачување на врвот на планината Илиница, која гордо се надвиснува над самиот град од источната страна. Идејата за ова искачување беше иницирано од најактивните планинари од градот Илија Димоски и Весна Деспотоска кои се погрижија и годинава традицијата да продолжи. Искачувањето на врвот го изведовме за околу еден час, а за слегување до подножјето ни беше потребно помалку од еден час. По искачувањето на врвот на Илиница, направивме повеќе фотографии кои засекогаш ќе не потсетуваат на 1-ви Јануари 2024 година – истакна кичевската планинарка, Лидија Аврамоска, која додаде дека нејзина желба е секоја година бројот на учесници да биде се поголем.

Аврамоска додаде дека глетката од врвот на Илиница е импресивна а градот распослан во кичевската котлина се гледа како на дланка.

Најголема желба на кичевските планинари е во блиска иднина од градот до врвот на Илиница да се изгради жичарница, за што голем број на граѓани од земјава па и од странство да ја посетат оваа планина. З.А.