Фото: З.А

За одбележување на првиот ден на пролетта, невладината организација „Рурална коалиција“ во соработка со основното училиште „Кузман Јосифовски Питу“ и детската градинка „Олга Мицеска“ од Кичево, засадија 60 дрвца, јавор, јасен и бреза во дворовите на основното училиште и детската градинка. Овие дрвца се одбрани затоа што испуштаат висок процент на кислород кој треба да придонесе за намалување на аерозагадувањето на територија на општина Кичево.

Не случајно во акцијата се одбрани најмалите и учениците од основното образование, затоа што на таа возраст започнува да се гради и развива еколошката свест и совест.

– Со денешната акција сакаме да испратиме порака дека планетата Земја е наша и дека немаме резервна планета, а колку ќе ја одржуваме и чуваме зависи од нас самите. Живееме во еден од најзагадените градови во земјава, а и на национално ниво состојбата не е ништо подобра, па токму ваквите мали чекори треба да поттикнат за организирање и поголеми акции кои ќе ни го направат нашето место подобро за живеење – смета Љиљана Јоноски, извршна директорка на „Рурална коалиција“.

Фото: З.А

Директорката на училиштето Ирина Стојаноска, спомна дека ваквите акции и соработката помеѓу сите институции и локални чинители треба да бидат почести но и долгорочни како би имале и повратен ефект.

Таа додаде дека со учениците постојано се работи и на часови секаде каде што се дозволува само во насока на што подобра едукација на децата за заштита на животната средина и јакнење на нивната еколошка свест.

З.А