За да им ја олесни набавката на огревно дрво на најстарите жители на градот, Здружението на пензионери од Кичево ќе им овозможи набавка на огревно дрво на осум еднакви рати. Бидејќи во претходните години Здружението се соочуваше со проблеми околу навремената испорака на дрвата, одлучи бројот на пензионери кои планираат да набават дрва на овој начин да биде лимитиран и помал од претходно, потврдуваат од здружението.
-За да им ја олесниме набавката на огревно дрво за претстојната зима, на нашите колеги ќе им овозможиме да купат дрва на осум еднакви рати. Бидејќи претходните неколку години се соочувавме со задоцнета испорака на дел од огревното дрво, кога бројот на запишани пензионери беше доста голем, одлучивме бројот на пензионери кои ќе го добијат огревното дрво на рати да биде ограничен на околу 200 корисници, за кои ќе бидат обезбедени околу 600 кубни метри буково дрво и 400 кубици дабово дрво. Уплатата ќе започне во текот на наредната недела и планираме во наредните осум месеци целосно да заврши исплатата на огревно дрво, а нешто порано ќе биде завршена и испораката на огревното дрво, за што има ветувања од Подружницата на македонски шуми од Кичево – истакнуваат од кичевското здружение.
Висината на секоја рата за дабовото дрво ќе изнесува 2.560 денари, додека за буковото дрво ќе биде нешто помала. З.А.