Фото: М.М.

Политичката криза меѓу градоначалникот на Битола, Тони Коњановски и претседателката на Советот, Габриела Илиевска продолжува. Денеска градоначалникот Тони Коњановски на Фејсбук повика на итно свикување вонредна седница на Советот и ја обвини Илиевска дека веќе еден месец не закажува седница на Советот.

-Измина половина месец мај, а претседателката, иако треба да се грижи за организацијата и работата на Советот, очигледно ја заборавила својата должност. Ова е дополнителна потврда за несериозноста и неодговорноста кон граѓаните кои и ја дале својата доверба, за да може, преку Советот, да се иницираат промени и да се реализираат проекти. Се наоѓаме во период на полн ек на градежната сезона, како и период во кој имаме можност за обезбедување финансиски средства од меѓународни фондови за реализација на проекти од витална важност за Битола. Од крајна итност е донесување на одлука за изградба на велосипедски патеки, за да може да се пристапи кон издавање на одобрение за градење и реализација на овој проект оваа градежна сезона. Потребно е Советот да донесе одлука и за аплицирање за финансиска поддршка од УНДП, вклучувајќи и општинско кофинансирање за Проектот: Каскадно уредување на коритото на реката Драгор. Советот неопходно е да го усвои и извештајот изготвен од Комисијата за проценка на штети од минатогодишните поплави, за да може граѓаните кои пријавиле штети да бидат соодветно обесштетени. Администрацијата ја заврши својата работа, на ред е Советот – напиша Коњановски.

На ваквиот Фејсбук-статус претседателката на Советот Илиевска му одговори со жестоки обвинувања за работата на градоначалникот Коњановски и го обвини него дека тој работи само за свои лични интереси и само за неколкумина.

-Читам од сабајле, градоначалникот на Фејсбук бара да се одржело седница?! Ама не сум изненадена оти пред помалку од еден месец насилно „истераа” седница, па може не знае градоначалникот која е процедурата за свикување и одржување на една седница на Совет. Срамота е на Фејсбук да се покажуват јунаштини. Да ви беше гајле за Битола и за проектите денес низ град ќе имаше нови камиони за ѓубре, видлив нов парк „по димензиите од проектот”, нови паркинг места и уреден простор секаде кај шо се турнаа гаражите, немаше да вработувате по список од партија, немаше да делите пари на роднини и пријатели, немаше да ви пречи што има три независни советници кои една и пол година ве молеа да работите и со кои заради „кучињата низ град” се скаравте. Да ви беше гајле за Битола немаше да потрошите 40 милиони за култура, а низ градот една нова канта и клупа нема клаено или шо би рекол колегата Иван Чулакоски дури фекалии течат по улици ние играме и пееме. Никој не ви пречи да работите, со тајни договори заради лични интереси на секоја седница „наоѓавте чаре” да ви помине нешто. Освен сликање и пеење во Офицерски друго ништо нема видливо во градот. А кога сме кај сериозноста, да ја имавте, немаше да си играте со довербата која ја добивте од битолчани. И не ги замарајте луѓето со вашата неспособност за соработка, ние сите сме избрани за да работиме за доброто на битолчани, за жал вие одбравте да работите за лични интереси на неколкумина – стои во реакцијата Илиевска. М.М.