Фото: Костенијада/З.А

Вечерва и во текот на утрешниот ден во Македонски Брод ќе се одржи 16-тата по ред „Костенијада – 2023“, на која ќе бидат организирани повеќе настани почнувајќи од вечерешниот коцерт на млади домашни групи и солисти, утре ќе продолжи со традиционалната изложба во Домот на културата „Златен костен“ а по дефилето на учесниците низ градот, во средиштето на Македонски Брод, ќе се одржи концерт на кој ќе настапат повеќе реномирани групи и солисти од повеќе градови во земјава и странство.

Фото: Костенијада/З.А

– Вечерва и утре во Македонски Брод ќе се одржи 16-тата Костенијада-2023. Манифестацијата ќе биде отворена со вечерашниот концерт насловен како „Ноќ на костенот“ на кој ќе настапат помлади групи и солисти. Во текот на утрешното претпладне во Домот на културата ќе биде отворена изложбата наречена „Златен костен“, на која ќе бидат претставени над 250 изработки од костен на учениците од локалните училишта како и подрачните училишта во Манастирец и Самоков. По прогласувањето на најуспешните творби изработени од костен, следи дефиле низ градот кое ќе заврши со пристигнување на учесниците на градскиот плоштад каде ќе започне културно- уметничка програма на која ќе учествуваат „КУД Бисер“ Кичево, „КУД 7-ми Септември“ Македонски Брод, „КУД Блаже Конески“ од Скудриње, Градското академско друштво „Алексинац“ Република Србија, пејачка група од Прилеп, локалниот анасмбл „Кале“, Миле Јованоски-Поречанец, а ќе настапи и солист на гајда – истакна Милена Стојческа директорка на Домот на културата, главен покровител на оваа манифестација покрај општина Македонски Брод.

Директорката напомна дека на градскиот плоштад ќе бидат отворени и повеќе тезги каде ќе се нудат изработки на мајстори и земјоделци од овој регион, а ќе се продава и крушевски локум и производи на прилепски мајстори.

З.А