Фото: З.А.

Цените на овошјето и зеленчукот на кичевскиот зелен пазар се повисоки од ланските и  покрај добрата снабденост.

– Доматите денес се продаваа по цена од 50-60 денари, краставиците 50 денари, пиперките се нудеа по 120 денари, спанаќот се продава по 50 денари, а до пред две-три години во ова време чинеше 20 денари. Праските и кајсиите беа присутни во помала мера, а продажните цени изнесуваа 120 денари за килограм и за кусо време беа продадени и откупени од локалните тезгаџии – потсети Крсте Тренески, редовен посетител на зелениот пазар во саботните денови.

Слични искуства слушнавме и од други купувачи.

– Како се ближи летото кај нас, цените наместо да опаѓаат, незначително се намалуваат. Сегашните цени се исти како во рана пролет кога уште не е вистинска сезона на зеленчукот, а од овошјето присутно е само јаболкото. За да се снабдиш во доволни количини не се доволни ни 1.000 денари. Ако само пазарот е толку скап, тогаш што ќе остане за останатите намирници и сметки. Чудно е што на пазарот нема ценкање, туку тезгаџиите ти кажуваат цена и ти одлучи сам – вели пензионерот Трајко Вељаноски.

И покрај високите цени посетата на пазарот е голема, а има и купувачи кои имаат странски пензии, со кои можат да пазарат колку што им треба независно од цените и тоа е една од причините зошто продавачите на зелениот пазар цените ги одржуваат на повисоко ниво.

– Благодарение на печалбарите и странските пензионери потрошувачката е добра и сигурен сум дека без нив нема да имаме толкав број купувачи, ако не беа парите на пензионерите од странство, кои купуваат се што ќе им се допадне без да водат сметка за висината на продажните цени – вели Блашко, продавач на кичевскиот зелен пазар. З.А.