Несовесни граѓани ги вадат капаците и осигурувачите на канделабрите

КИЧЕВО

Екипата на компанијата задолжена за одржување на јавното осветлување во Кичево, „Инсталација“, врши промена на прегорените светилки на главните сообраќајници во градот каде што фреквенцијата на граѓани е најголема. Вработените во оваа компанија во текот на работата забележале повеќе канделабри со извадени капаци, а на повеќе места и нема осигурувачи.
Тие се жалат на неодговорниот однос на поединци, кои на штотуку променетите светилки на канделабрите на кејот на Сушица, извадиле голем број капаци и осигурувачи, што може да предизвика несреќа на некој љубопитен минувач или дете.
– Со овој зафат ќе ги промениме расипаните светилки на сообраќајниците во средиштето на градот, како и во дел од кејот на реката Сушица. Покрај високите светилки што го осветлуваат коловозот, се менуваат и расипаните ниски светилки, кои ги осветлуваат тротоарите за непречено движење на пешаците.

Не можеме да се начудиме на неодговорниот однос на поединци што ги вадат капаците на канделабрите или ги земаат и осигурувачите и ги оставаат под напон оголените жици и ако некој случајно ги допре може да има тешки последици по неговиот живот. Нејасно е зошто за десетина грама железо да придонесат некој можеби да плати и со глава – велат вработени во оваа компанија.
Пред неколку години кога на калето биле поставени нови канделабри за многу кратко време кај повеќето канделабри биле извадени капаците и осигурувачите и набрзо просторот во поголем дел останал во темнина.
Оголените жици под напон се вистинска опасност за љубопитните и неупатени граѓани. Остануваат неодговорени прашањата кому му пречат капаците од канделабрите и која им е целта кога ги вадат.