Во рамки на проектот „Ефективна употреба на мобилни апликации во
образованието“, финансиран од Еразмус + програмата на ЕУ, денеска во
посета на општина Прилеп беа ученици и професори од СОУ „Кузман
Јосифоски-Питу“ и нивните гости од средните училишта од Турција, Италија,
Литванија и Унгарија.

Според градоначалникот Илија Јованоски размената на искуствата,
знаењата, заедничката интерактивна настава и работа на проектот,
претставува огромен капитал на знаење и за професорите и за
средношколците од петте земји.

Директорката на СОУ „Кузман Јосифоски-Питу“, Билјана Маркоска
истакна дека како добри домаќини им ги презентирале повеќето позначајни
културно-историски локалитети во општината, а дека во идните денови покрај
работниот дел, гостите ќе имаат можност да ги посетат и да се запознаат со
знаменитостите на градовите Охрид, Крушево и Скопје.

Мимоза Мијоска – професор по информатика и координатор на
проектот „Ефективна употреба на мобилни апликации во образованието“,
нагласи дека ова е веќе втора година откако се спроведува проектот во чии
рамки учениците посетуваат работилници на кои изучуваат изработка на
мобилни апликации кои потоа би се употребувале на мобилни телефони и
таблети.

Ка.М.