Почна чествувањето на празникот 4 Ноември, Денот на ослободувањето на Битола. Во следните неколку дена ќе се одбележи 75-годишнината од ослободувањето на градот Битола во 1944 година, од фашистичкиот окупатор за време на Втората светска војна.
Во НУУБ „Св. Климент Охридски“, беше отворена изложбата „Книги: историја, иднина“, во организација на Македонското научно друштво-Битола. Претседателот на МНД, д-р Марјан Танушевски посочи дека на изложбата се изложени над 400 книги чиј издавач е МНД-Битола или поранешно ДНУ-Битола, во рамките на неговото 60 годишно постоење.
Изложбата ја отвори градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска.
– Нема ништо помоќно од пишуваниот збор, збор кој остава голем траг на тоа што се случувало во минатото, а може да користи на идните генерации, и затоа 75-то одбележување на Денот на ослободувањето на Битола го почнуваме со изложбата на МНД-Битола – рече Петровска.
Во малата сала на Центарот за култура, започна 27 издание на интернационалниот фестивал на аматерскиот документарен филм „Камера 300“.
Плакетата за најдобра камера што ја доделува општина Битола, а ја додели градоначалничката Петровска, отиде во рацете на Томе Љушев, за аматерскиот документарен филм „Од Трпејца преку Св. Заум до Св. Наум“. Највисоката награда гран-при на фестивалот „Плакета Милтон Манаки“ му беше доделена на Џејмс Калмерс од Велика Британија, за документарниот филм „Реквием за Тин“.
Во Магазата, беа промовирани две книги, пропратени со изложба. Книгата „Вермахтот и Егејскиот дел на Македонија 1941-1944 година“ од д-р Роберто Трајковски беше промовирана од Александар Литовски, додека пак неговата „Попатни паралипомени“, ја промовираше Роберт Алаѓозовски. Изложбата насловена „Битолските Евреи во македонското партизанско движење“ е дело на д-р Александар Манојловски и д-р Александар Литовски.