Целосно е реконструиран Одделот за онкологија на Унивезитетската клиника за детски болести. Со комплетното реновирање, извршено со донација од 16 милиони денари од компанијата „Макстил“, во одделот се поставени нови системи за вентилација и за технички гасови, реновирани се сите болнички соби и просториите за медицинскиот персонал, обновена е електричната инсталација, како и дел од водоводната и канализациската мрежа, а поставен е и нов медицински под на површина од 400 квадратни метри.

Реновираниот Оддел за онкологија на Детската клиника е единствен од ваков тип во земјата со интенција да прерасне во регионален центар за лекување деца со канцер. Одделот денеска го посетија претседателот на Владата, Димитар Ковачевски и министерот за здравство Беким Сали.

– Одделот е еден и единствен на ниво на целиот регион и ќе ги згрижува сите деца болни од малигни болести, дали тоа ќе биде на крв или солидните органи, важно комфорот, условите и високиот квалитет на здравствена заштита што ќе го добијат заедно со родителите и целиот персонал ќе го удостои здравството и ќе го подигне на многу повисок чекор. Отвораме една нова страница во педијатријата и во здравството, затоа што третманите што ќе ги добиваат децата веќе ќе значат вон од третманот што го добивале досега и трансплантација за која во иднина ќе слушнете и многу набрзо ќе биде извршена и во нашата држава – истакна директорката на Универзитетската клиника за детски болести Аспазија Софијанова.

Никој, посочи таа, не посакува да има дете болно од канцер, меѓутоа ако веќе тоа се случи и емоционална и психолошка и комплетна медицинска поддршка ќе ја добијат тука на Клиниката за детски болести во мини болницата, која ја овозможија „Макстил“ и нејзините партнери, да уживаме денеска во задоволството дека и ние рамо до рамо ќе се носиме со здравствениот систем на целиот свет.

Министерот за здравство Беким Сали рече дека Клиниката за детски болести е една од клиниките која гордо не носи во врвот на квалитетот на здравствени услуги во државата. Посочи дека одделот за онкологија е единствен од овој карактер во регионот и ќе услужува пациенти и од Косово и од Јужна Србија. Тој им се заблагодари на донаторите, на компанијата „Макстил“ која, како што рече, уште еднаш докажа дека е општествено одговорна компанија и дава модел како треба да делуваат сите останати компании кои имаат свое производство и делуваат во државата последниве години.

– На сите деца кои за жал се соочуваат малигни проблеми, здравствени потешкотии им посакувам здравје и посакувам „Ѕвончето на здравјето“ да ѕвони секој ден почесто, а да имаме што помалку пациенти кои имаат потреба од онколошки третман – додаде министерот Сали.

Премиерот Ковачевски рече дека 7 Април – Светскиот ден на здравјето, кој се одбележува под покровителство на СЗО, дел од ОН има за цел афирмација на правото на секој човек на еднаков пристап до квалитетни здравствени услуги во насока на искоренување на различни болести и намалување на морбилитетот и морталитетот како и преземање мерки и активности за превенција.

– Овој 7 Април го одбележуваме во реконструираното одделение за онкологија кое претставува огромна надеж за победа за сите деца херои кои се соочуваат со подмолни малигни болести. Целта е да продолжиме да бидеме дел од трендот кој покажува дека канцерот може да се победи преку рана детекција, навремена реакција и соодветно лекување. Според опремата и капацитетите на Одделението од медицинскиот персонал бев информиран дека овој оддел е единствен од ваков тип во земјата со интенција да прерасне во регионален центар за лекување на деца со канцер каде што ќе се лекуваат деца од нашата земја, од Косово и од Јужна Србија, рече Ковачевски и изрази благодарност до „Макстил“ за донацијата од 250 илјади евра и покажаната општествена одговорност на раководството и на сите вработени во компанијата кои учествуваа во изведбата на овој оддел.

Овој модернизиран капацитет, потенцира премиерот, значи подобра услуга за пациентите, задоволни здравствени работници и уште повеќе излекувани деца.

Тој изрази задоволство од постојаната и плодна соработка на Владата и бизнис заедницата.

– Заедно и континуирано продолжуваме со обезбедување максимална здравствена заштита и нега, ги подобруваме условите во болниците и вложуваме во модерни услови за лекување. Граѓаните, нивното здравје и лекување на пациентите остануваат во врвот на приоритетот на оваа Влада и во наредниот период – рече Ковачевски.

Претседателот на Одборот на директори на „Макстил“, Димитар Цветковски рече дека корпоративната општествена одговорност е на високо место меѓу приоритетите на компанијата.

– Во тие рамки, соработката со Детската клиника трае подолго време. Пред четири години дониравме специјален ехо-апарат, потоа следеше целосно реновирање на одделот за неонатологија и сега, по барање и во договор со клиниката, да го предадеме во употреба и онколошкиот оддел. Колку и да сакаме овој оддел никогаш да не треба да се употреби, реалноста сепак ни кажува дека и најмалите пациенти заболуваат од онколошки болести и оттаму одуката на одборот на директори на „Макстил“ да помогне во реновирањето на овој оддел. Притоа се водевме од желбата на најмалите пациенти да им го овозможиме најдоброто лекување и нега блиску до дома, во современ и функционално уреден оддел, со медицински персонал кој го зборува нивниот јазик и кој полесно може да ги разбере нивните потреби. Истовремено, лекувањето на овие пациенти тука, ќе значи и значајна заштеда на финансиски средства од државниот буџет – додаде Цветковски.