На денешната 82-ра седница, Владата ја разреши Иринка Сотирова- Бухова од должноста в.д. директор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, на нејзино барање.
Како што информираат од владината прес-служба, за в.д директор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат ја именува Рената Младеновска.
Младеновска на оваа позиција доаѓа од Центарот за јавно здравје – Скопје каде има повеќегодишно институционално искуство како специјалист по хигиена и здравствена екологија во Одделението за хигиена со здравствена екологија.
-Младеновска воедно е асистент на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ каде што е и докторанд. Таа има специјализација по хигиена со здравствена екологија на Катедрата по хигиена со здравствена екологија при Медицинскиот факултет, и завршени постдипломски студии за здравствен менаџмент – информираат од владината прес-служба.
Младеновска е авторка на повеќе публикации и презентации од областа на јавното здравје и безбедност на храна, како и менаџмент во здравството, а во соработка со повеќе меѓународни институции е активен учесник на повеќе конгреси, обуки и симпозиуми врзани со јавно-здравствена проблематика како и HACCP контролен систем за безбедност во храна.