Работната група ја усвои Предлог иницијативата за потребата од измени на Уставот со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Македонија. Предлогот ќе се достави до Владата која ќе треба да ја проследи иницијативата до Собранието каде ќе ги помине сите работни тела.
– Она што е најважно е дека се согласивме со она што е предлог за пристапување кон измена на Уставот на РСМ со одредени насоки, изменувања и дополнувања таму каде што треба. Промените се во делот на Преамбулата со тоа што се додаваат неколку народи. После бошњачкиот народ се додаваат зборовите: бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ – изјави по состанокот претседателката на работната група, Маргарира Цаца Николовска.
Втората измена, како што дополни таа, е во делот за дијаспората и во амандманот 34 кој е заменет со член 49 и амандманот 2. Во овој амандман на Уставот на Македонија со кој се заменува членот 49 и амандманот 2, после бошњачкиот народ се додаваат зборовите бугарски народ, хрватски, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ, египќански народ.
Таа соопшти дека има измена и во Комитетот за односи меѓу заедниците заради тоа што сега се јавува поголем број на народи кои можат да продуцираат поголем број пратеници и да има пратеници во Комитет на заедници.
Работната група изготвила и кратко образложение за иницијативата и нејзината основаност и оправданост.
– Јас ги прочитав измените и одредените членови во Уставот, меѓутоа амандманите после ќе треба да се припремаат во текстот така како што треба да се презентираат пред Собранието. Сега да посакаме успешна работа и на Собранието, да ги прифатат овие предлог измени за да може понатаму државата успешно да ја тера постапката во остварување на заедничката стратешка цел – влез во Европа – изјави Цаца Николовска.
Во работната група за уставните измени не членуваат претставници на ВМРО-ДПМНЕ, кои се противат на ваквите измени.
Вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав е услов за продолжување на преговорите на земјава за членство во Европската Унија. Уставот може да се измени со двотретинско мнозинство во 120-члениот парламент во Скопје, но засега мнозинството ги нема потребните гласови.