Работиме на спроведување на одлуките на Европскиот суд за човекови права донесени против Бугарија, изјави денеска генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, пренесе МИА.
– Не е само важна улогата во донесувањето на одлуките на Судот за човекови права, туку и во нивно спроведување. Во случајот што го споменавте за Бугарија, знаете дека имаме, преглед на одлуките што сè уште не се извршени. И работиме на ова. Постигнавме одреден напредок би рекол, во последниот месец, потребно е малку време, но знаете, мислам, стабилноста на процесот е исто така важна, затоа што мора да биде повеќе од само симболично решение – рече Берсе.
Според него, постигнат е одреден напредок во последните 12 месеци и кажа оти прашањето ќе го разгледа Комитетот на министри порано, оваа година со цел да спроведувањето на одлуиките да стане реалност.
– Вие сте целосно во право, беше предолго извршувањето. Тоа е јасно. Но продолжуваме да работиме на ова и се надевам дека ќе имаме позитивен резултат многу наскоро – додаде Берсе.
Во однос на забраната за влез во Бугарија на десет години на адвокатот Тони Менкиноски, којшто ги застапува Македонците од Бугарија пред ЕСЧП, Берсе кажа дека не може да коментира конкретен случај, но, вели, заштитата на адвокатите е од суштинско значење во едно општество.
– И токму затоа Советот на Европа разработи специјална Конвенција за заштита на адвокатите од непријателски дејствија, не знам дека и Северна Македонија ја има потпишано таа Конвенција, не се спроведува се уште бидејќи е во фаза на разработка, но и Комисијата за човекови права, ќе може да ја заврши својата работа и во овој случај да ја процени ситуацијата – рече Берсе.
Во однос на одлуките на ЕСЧП, Муцунски, од своја страна, кажа дека ние сме држава којашто доследно ги применува пресудите на судот.
-Тоа не е секогаш пријатно и лесно на државата, но како што кажа во претходната изјава, Европската конвенција и пресудите на судот, покрај имплементација на заеднички простор на водење на правото, се и морален компас за земјите членки. И колку и тоа да не е лесно, обврска на земјите-членки е тоа да го прават. Во однос на конкретните предмети, државата, иако не е странка во постапките, за жал тоа е нешто од минатото што не можеме сега да го поправиме, сепак сме земја членка на Советот на Европа и ние нашето нашите перспективи во однос на тоа прашање ги даваме во рамките на Комитетот на министри како земја членка на Советот на Европа и очекуваме дека сите земји членки ќе си ги преземат своите обврски во согласност со Конвенцијата – рече Муцунски.
































