Времето денеска ќе биде променливо облачно, со повремени локални врнежи од дожд, а на одделни места ќе има услови за појава на ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец. Минималните температури ќе се движат од 2 до 10 степени, додека максималните ќе достигнат од 22 до 29 степени Целзиусови.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд и слаб ветер од променлив правец. Утринската температура ќе се спушти до 6 степени, а дневната ќе достигне до 26 степени.
Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), под влијание на циклонска активност, променливото облачно време со врнежи ќе продолжи до средината на следната седмица. На одделни места се очекуваат пообилни врнежи, при што локално ќе наврнат над 20 литри дожд на квадратен метар, особено во недела.
Во некои делови од земјата се можни и временски непогоди проследени со пороен дожд, засилен ветер и грмежи. Во вторник, со продорот на постуден воздушен бран, на некои од повисоките планини дождот ќе премине во снег.
































