Јавното признание од Федералното истражно биро (ФБИ) за резултатите на македонската полиција претставува потврда за професионалноста, посветеноста и успешната меѓународна соработка во борбата против криминалот. Ова го истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во објава на Фејсбук, осврнувајќи се на успешната акција за апсење на администраторот на криминалната платформа OLVX.
Според Тошковски, операцијата, реализирана во соработка со ФБИ, ги потврдува оперативните капацитети на македонската полиција и нејзината подготвеност активно да учествува во справувањето со транснационалниот сајбер-криминал.
– Успешното апсење на администраторот на криминалната платформа OLVX, реализирано во соработка со ФБИ, покажува дека македонската полиција има оперативен капацитет да биде рамноправен и доверлив партнер во борбата против транснационалниот сајбер-криминал – наведува министерот.
Тој упати пофалби до полициските службеници кои учествувале во акцијата, нагласувајќи дека нивната стручност, професионалност и посветеност биле од особено значење за успешната реализација.
Тошковски посочи дека признанието е пред сè заслуга на полициските службеници, но и поттик за натамошно унапредување на капацитетите на Министерството за внатрешни работи и зајакнување на соработката со меѓународните партнери.
– Особено сум горд на нашите полициски службеници, чија стручност и посветеност стојат зад овој успех. Ова признание е за нив. А наша обврска е да продолжиме да ги зајакнуваме капацитетите на македонската полиција и да ја оправдуваме довербата на нашите меѓународни партнери – истакна Тошковски.
































