Група граѓани излезе пред Министерството за здравство во Скопје за да го поддржи протестот на битолчани преку кој се бараат одговори за смртта на петгодишната Јана Христова. Присутните посочија дека не ги линчуваат докторите, туку бараат да престане молкот и да се кажат причините за смртта.
„Правда за Јана“, „Поддршка за семејството на Јана, правдата да излезе на виделина“, „сакаме и инсистираме на одговорно здравство“ беа пораките на транспарентите на протестот.
Тие порачаа дека е „доста од нефункционалноста, партизацијата, лошите услови во здравствениот систем и префрлањето вината кај пациентите“.
– Тука сме затоа што бараме правда за секој обичен граѓанин. Мораме да бидеме слушнати. Смртта не доаѓа според закон, прописи и протоколи. Јана е од нешто отидена. Бараме да откриеме зошто е тоа така. Ако родителите велат дека детето било здраво, право, ако има некоја индикација дека имало претходни проблеми, информирајте ја јавноста. Вака само се потресуваат луѓе. Тука доаѓаат и мајки коишто имаат и други здравствени проблеми и коишто шетаат низ истите лавиринти и не знаат што уште ќе им се случи – изјави активистката Татјана Стојановска.
Таа додаде дека се потребни здравствена сигурност и правда.
– Се чувствувам многу излажана во однос на сите реформи коишто беа ветени, за коишто сме се бореле, а не сме добиле ништо. Искрено ова место ме потсетува токму на Тамара и знам како заврши сето тоа и не сакам да се случи истото со Јана. Затоа и ги поддржуваме битолчани. Се надевам дека ќе направат навистина добар протест, односно ќе дигнат глас да добијат одговор зошто и како ова се случува – порача Стојановска.
Според учесниците на протестот, има многу неодговорени прашања.
Битолчани истовремено излегоа на протест под мотото „Правда за Јана, сите сме Јана“, на плоштадот „Магнолија“ во Битола. Целта на протестот е насочување на вниманието за состојбите во македонското здравство, за одговорноста да се бара на вистинското место, а вината да не се насочува кон родителите, според објавите на социјалните мрежи.
Уште колку здрави деца како Јана треба да умрат, прашаа на протестот во Битола
Девојчето почина минатата недела на детското одделение во битолската болница. Државниот санитарен и здравствен инспекторат изврши вонреден инспекциски надзор во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола, при што здравствените инспектори не утврдиле пропусти во лекувањето на Јана, како што соопшти ДСЗИ. Направен бил и увид во медицинската евиденција, а земени се изјави и од здравствените работници кои го третирале детето. Семејството на Јана не е задоволно од извештајот на ДСЗИ. Сѐ уште не се готови резултатите од обдукцијата што треба да ја утврди причината за смртта.