Дали сме сведоци на реобликување на меѓународното право и поредок

И сега сѐ уште останува отворено прашањето кој прв ја прекрши Повелбата на Обединетите нации?! Едни меѓународноправни експерти тврдат дека меѓународното право и принципите на Обединетите нации, но и Виенската конвенција за дипломатски односи, всушност, беа прекршени и нарушени многу пред создавањето на косовската држава, и тоа од страна на големите сили со низа примери на интервенции и покрај ООН, на Блискиот, односно на Средниот Исток. А најново е дека експертите сега се судираат во своите аргументи цитирајќи ја Повелбата на Обединетите нации во врска со референдумот во Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје дека „референдумот е во согласност, односно, дека не е во согласност со меѓународното право и дека има тешки прекршувања“. За политиката е познато дека таа е растеглива, но за правото важи дека тоа е егзактно. Дали меѓународното право стана заложник на меѓународната политика?

Светската јавност е сведок на сѐ почесто одржување референдуми. Во истиот контекст, светската јавност е „бомбардирана“ со информации, со аргументи и контрааргументи, за тоа кој ги испочитувал, а кој ги прекршил меѓународниот поредок и меѓународното јавно право, а со тоа и демократијата и мирот и стабилноста во Европа и во делови од светот? Противречностите се очигледни и од јавните изјави на највисоките државни институции на земјите што се наоѓаат на дијаметрално спротивната страна за глобалното сфаќање и креирање на светските политики.
Ваквата состојба со јасен пример се отсликува, од една страна со соопштението на руското министерство за надворешни работи дека референдумот во Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје се одржал во согласност со меѓународното право. Од друга страна, пак, непосредно пред одржувањето на референдумите во украинските региони во седиштето на Обединетите нации во Њујорк имаше јавно обраќање на неколку светски лидери, кои оценија дека споменатите референдуми се прекршување на меѓународното право.

Но и покрај тоа, сѐ уште останува отворено прашањето кој прв ја прекрши Повелбата на Обединетите нации. Едни меѓународноправни експерти тврдат дека меѓународното право и принципите на Обединетите нации, но и Виенската конвенција за дипломатски односи, всушност, беа прекршени и нарушени многу пред создавањето на косовската држава, и тоа од страна на големите сили со низа примери на интервенции и покрај ООН, на Блискиот, односно на Средниот Исток. Експертите сега се судираат во своите аргументи цитирајќи ја Повелбата на Обединетите нации во врска со референдумот во Донецк, Луганск, Херсон и Запорожје дека е во согласност, односно, дека не е во согласност со меѓународното право и оти тоа е нарушено.

Но што, всушност, е или не е нарушено?

Имено, во првото поглавје од Повелбата на Обединетите нации се утврдени целите и принципите на организацијата на Обединетите нации. Овие принципи ги вклучуваат самоопределувањето и еднаквоста на нациите, како и почитувањето на човековите права, основните слободи и обврските на земјите-членки да ја почитуваат повелбата, да соработуваат со Советот за безбедност на ООН и да користат мирни средства за решавање на конфликтите.

Во членот 2 од првото поглавје се регулирани принципите на Обединетите нации. Тука се вели дека: „Сите членки ги решаваат своите меѓународни спорови со мирни средства на таков начин што меѓународниот мир и безбедност и правдата не се загрозени. Сите членки се воздржуваат во меѓународните односи од закана или употреба на сили против територијалниот интегритет или политичка независност на која било држава или на кој било друг начин што не усогласен со целите на Обединетите нации. Земјите-членки ја даваат секоја помош во секое дејство што е преземено од ОН во согласност со Повелбата и се воздржуваат од давање помош на земја против која ОН води превентивно или принудно дејство. Организацијата се грижи за државите што не се членки на Обединетите нации да постапуваат во согласност со овие принципи, онолку колку што е потребно за одржување на меѓународниот мир и безбедност. Ништо во оваа повелба не ги овластува Обединетите нации да интервенираат во прашања од внатрешните работи на некоја земја, ниту пак бара од членките да ги изнесуваат овие прашања на решавање врз основа на Повелбата; но ова начело нема да влијае врз примената на принудни мерки според поглавјето 7“.

Што се однесува до Виенската конвенција за дипломатски од 1961 година, станува збор за меѓународен договор што ја дефинира рамката за дипломатски односи меѓу независните држави. Неговата цел е да го олесни развојот на пријателските односи меѓу владите преку прифатлива практика и принципи, кои имаат цел да го отстранат стравот од принуда или вознемирување во меѓународните односи. Виенската конвенција, всушност, е камен-темелник на современите меѓународни односи и на меѓународното прво. Конвенцијата е универзално ратификувана и се смета за еден од најуспешните правни инструменти изготвени во рамките на Обедините нации.

Нов меѓународен договор за регулирање на меѓународните односи помеѓу
нациите и државите?

За оваа проблематика, Тони Менкиноски вели дека Виенската конвенција за дипломатски односи постојано се прекршува при што некои мултилатерални меѓународни организации се ставаат над Организацијата на Обединетите нации. Според Менкиноски, потребен е еден нов меѓународен договор што ќе ги регулира меѓународните односи помеѓу нациите и државите, бидејќи се нарушени основните принципи на Обединетите нации. Нарушувањето доведува до нефункционалност на Обединетите нации, а Лигата на народите што беше создадена по Првата светска војна се распадна бидејќи земјите-членки ги прекршуваа основните начела.

Во врска со референдумите во Украина, Менкиноски вели дека доколку референдумите поминат позитивно во Донбас и во другите украински области, тогаш тие нема да станат составен дел од територијата на Русија, туку дел од Руската Федерација, односно влегуваат во сојуз со Русија. Суверенитетот им припаѓа на граѓаните, тие имаат право да излезат на референдум. Можат да одлучат да влезат во сојуз со Русија бидејќи косовскиот пример им дава легитимитет.

Во овој контекст, за издвојување е фактот што по прогласувањето на независноста на Косово од страна на собранието во Приштина, како и по позитивните одлуки на Меѓународниот суд на правдата, како дискусиите во Обединетите нации, САД, Франција, Германија и други членки на Европска Унија веднаш го признаа Косово како нова држава. Но и во тој случај, сите не се согласија со овој став! Тогашниот министер за надворешни работи на Шпанија, рече: „Нема да го признаеме Косово затоа што сметаме дека го прекршува почитувањето на меѓународното право.“

Преседан или не?!

Некои државници се обидоа да го искористат примерот со Косово како преседан, односно да направат меѓународноправна аналогија и „водата да ја насочат на својата воденица“. Имено, Сергеј Багапш, претседателот на непризнаената Абхазија рече дека: „Одлуката на Меѓународниот суд уште еднаш го потврдува правото на Абхазија и на Јужна Осетија за самоуправување. И од историски и од правен аспект, Абхазија и Јужна Осетија имаат многу повеќе право на независност отколку Косово.“ Користејќи го примерот со Косово, Ласло Токеш, етнички унгарски европратеник и член на Европскиот парламент од Романија, ја спореди ситуацијата со онаа на унгарското малцинство во земјата и рече дека Унгарците треба сега да излезат на улица и да бараат автономија.

Душан Јаневски, претставник на Светскиот македонски конгрес во Србија, вели дека политичарите што ја водат Европа покажаа дека се недораснати за предизвиците што ги носи новово време. Паднаа во стратегиите со кои работеа измамени од погрешни процени. Косово го признаа за држава по етнички принципи како држава на албанскиот народ. Го заобиколија меѓународното право и без одлука на Обединетите нации, дури и ја бомбардираа суверена Србија, нагласува Јаневски.
– Ние во Светскиот македонски конгрес во 2016 г. со резолуција повикавме на почитување меѓународно право и резолуцијата 1244 на Обединетите нации, но земјите од Европа позициите на силата ги поставија над позициите на меѓународното право. За жал, со уцени и притисоци ја присилија и Македонија да го признае Косово за држава. Вака создадената политичка состојба на Балканов е неодржлива. Не е добро што создадоа етничка држава на мултиетнички Балкан. Принципот по кој Европа го реши прашањето околу кризата на Косово, бараjќи косовското прашање да биде единственото право од меѓународно право, не ги обврзува и другите да размислуваат така. Денес кој е посилен може да прави што сака со помалите држави. Путин правото што произлегува од силината на оружјето го искористи и создаде две нови држави и, верувајте, никој ништо не им може! – вели Душан Јаневски. Д.Ст.