Фото: Игор Бансколиев

Пораст на бројот на бегалци од Куба на Балканот, а и во Македонија

Со оглед на општиот впечаток, но и на официјалните податоци дека низ нелегалните балкански маршрути, од кои една од главните поминува низ Македонија, кон Западна Европа транзитираат главно илегалците од Блискиот Исток, па и од Средниот и од Далечниот Исток и од Северна Африка, што може да се земе и како некаков природен пат, навистина зачудувачки изгледаат информациите дека на тој пат можат да се најдат и Кубанци

Речиси секојдневно во полициските билтени може да се забележи дека во рамките на спречувањето на нелегалните миграции низ земјава биле регистрирани и обиди за влез или за излез на поголеми или помали групи мигранти од Куба, Јужна Америка. А со оглед на општиот впечаток дека низ нелегалните балкански маршрути, од кои една од главните поминува низ Македонија, кон Западна Европа транзитираат главно илегалците од Блискиот Исток, па и од Средниот и од Далечниот Исток и од Северна Африка, што може да се земе и како некаков природен пат, навистина зачудувачки изгледаат информациите дека на тој пат можат да се најдат и Кубанци.

Но, еве, на пример во јуни, полицијата соопшти дека на автопатот А1 на местото Авлаќ, од полициски службеници од Полициската станица – Гевгелија бил лишен од слобода Р.М. (42) од Скопје поради што од патничко моторно возило „опел астра“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, симнал тројца мигранти од Куба.

И тоа е само една од вестите од полициските билтени, но и на прв поглед многу невообичаена појава за која, меѓу другите, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски веќе разговарал и со генералниот секретар на Интерпол, Јурген Сток, при неговата неодамнешна посета на Генералниот секретаријат на Меѓународната организација за криминалистичка полиција – Интерпол со седиште во Лион, Франција,
– На средбата стана збор и за учеството на МВР во заедничките операции со Интерпол за детектирање и сузбивање организирани групи инволвирани во шверцување кубански и индиски мигранти и, во соработка со Царинската управа, во глобална операција за справување со криминалот со возила и разбивање на транснационалните мрежи што профитираат од ваквата активност, при што беа одземени десет возила под сомнение за фалсификат, од кои кај пет возила се потврдени фалсификати – соопштија потоа од Министерството за внатрешни работи.

Фото: Игор Бансколиев

За нештата да станат појасни, Радио Сараево пред извесно време направи репортажа за мигрантите од Куба, водејќи се од констатациите дека, од почетокот на оваа година, во тамошните кампови бил забележан значителен пораст на бројот на мигрантите од Латинска Америка, пред сѐ од Куба.
– Шпанскиот јазик сѐ почесто може да се слушне во центрите за привремено сместување на мигрантите во Босна и Херцеговина. Од почетокот на годинава е забележан значителен пораст на бројот на мигрантите од Латинската Америка, најмногу од Куба – објави радиото по посетата на мигрантските кампови „Бориќи“ во Бихаќ и „Ушивак“ кај Сараево.

Притоа, репортерите на радиото разговараа со едно семејство што ја напуштило Куба.
– Заминавме од нашата земја поради диктатурата, поради немањето слобода на говор. Во јули беа одржани големи демонстрации при што се случи голем судир помеѓу владините сили и народот. Власта нареди да се регрутираат сите мажи постари од петнаесет години за да им се спротивстават на демонстрантите. Тие што одбиваа, беа апсени. Затоа бев многу загрижена за мојот син – раскажала мајката на кубанското семејство.

Инаку, со децении Соединетите Американски Држави беа крајната дестинација на мигрантите од овој карипски остров, бидејќи таму веќе имаa роднини, пријатели, познаници…

Но во текот на претседателствувањето на Доналд Трамп со Соединетите Американски Држави беа преземени засилени безбедносни мерки по прашањето за имиграцијата така што, меѓу другите, и илјадници Кубанци беа враќани при обидите за влез во САД.

Чарлс Кук, адвокат од американската сојузна држава Џорџија, и поранешен претседател нa Американското здружение на правниците за имиграција, во разговорот за Радио Сараево објасни дека во текот на мандатот на Доналд Трамп, како и во првата година и пол од мандатот на Џо Бајден, за Кубанците не постоеле законски услови во САД да побараат азил. Тие, едноставно, биле враќани назад, во Мексико.
– Како резултат на сето тоа, повеќето од нив веќе не гледаат решение во САД, туку сите оние што бегаат од репресијата бараат сигурно засолниште во Европа – објаснил адвокатот.

Соговорниците на Радио Сараево раскажуваат дека нивните животи се доведени до бесмисленост и дека последиците од повеќедецениската диктатура станале неиздржливи за населението во земјата во која владеат рестрикции, корупција, професионално обезвреднување, минимални услови за образование на децата…
А како мигрантите од Латинска Америка стигнуваат до Босна и Херцеговина?
– Бидејќи не им се потребни визи за Русија, Кубанците прво одат за Москва, за да се доближат до Европската Унија, а оттаму најчесто со авион патуваат за Белград. Потоа, пеш се упатуваат кон Северна Македонија и Грција или кон Босна и Херцеговина и Хрватска – објаснуваат од радиото. Д.М.М.