Фото: Давид Гир/Tвитер

Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир истакна дека двете страни и Македонија и Бугарија, треба да вложат подеднакви напори за развој на добрососедските односи.

 – Потребни се напори и преземање обврски од двете страни, во добра волја за да се развијат овие позитивни односи, и двете страни да направат напори за имплементација на Договорот за добрососедство, за тој да се имплементира во добра волја за да има корист двете страни – рече Гир.

Тој рече дека сите земји имаат корист од развој на добрососедските односи во контекст на развивање на економијата, креирањето на нови работни места, културата и целото општество.

 – Она што е најважно е дека сите страни треба да направат се што е можно се со цел да се креира атмосфера тие односи да бидат попродуктивни и покорисни колку што е можно повеќе – додаде Гир.

Според него, во контекст на Договорот за стабилизација и асоцијација, којшто е првиот договор за односи со ЕУ, и во контекст на пристапните преговори, како што рече, секогаш е од огромна важност да се развиваат добри релации во контекст на добрососедски односи.

 – Она што сакаме ние да видиме е оваа земја да биде оценета врз основа на напредокот што ќе го постигне во процесот на реформи и сите напори треба да се фокусираат на тоа, на креирање работни места, развој на енергетскиот сектор, животната средина, владеење на правото, она што директно влијае врз животот на граѓаните – заклучи Гир.