Фото: Влада

Поставен е камен-темелникот на автопатот Прилеп – Битола од Коридорот 10д, долг 39,3 километри. Со овој проект, како што беше речено, се прави голем исчекор во насока на што побрз, побезбеден и поекономичен транспорт на луѓе и стоки. Изградбата базира на врвна технологија и стандарди, која ќе поттикне нова динамика во економијата и ќе отвори нови можности за вработување.

-Почнува нова ера во која наместо само 5,8 автопат годишно колку што се граделе изминатите три децении, во следните четири години и седум месеци ќе се градат по 23 километри автопат годишно или вкупно 110 километри – истакна директорот на Јавно претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми.

Претходно, премиерот Димитар Ковачевски во своето обраќање порача дека Владата инвестира во капитални проекти од историска важност.

-Не само што ги поврзуваме градовите и регионите, туку ја поврзуваме и државата со околните земји и светот преку модерна инфраструктура која ќе привлече многу странски туристи и инвеститори. Прв пат по 30 години преку модерна инфраструктура се поврзуваме со Исток и Запад, со нови пристаништа во Драч и во Бургаз и ги зајакануваме транспротните врски во регионот – рече Ковачевски.

На настанот по повод-поставувањето на камен-темелникот се обратија и првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, директорот на Јавно претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, в.д. амбасадорот на САД Ерик Мајер, амбасадорот на Турција Хасан Мехмет Секизќок, како и претседателот на „Бехтел и Енка“ за Европа, Африка и Блискиот Исток Џастин Сиберел.