Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пратениците од власта и од опозицијата и вчера продолжија со меѓусебните обвинувања за тоа кој е кукавица, а кој предавник, кој ги штити, а кој ги распродава македонските национални интереси

Во македонското собрание продолжи расправата за францускиот предлог

Вториот ден од собраниската расправа за францускиот предлог за отстранување на бугарското вето за преговори со ЕУ продолжи со меѓусебни обвинувања меѓу пратениците од власта и одопозицијата за продажба на националните интереси. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ продолжија во истиот „стил“ со користење вувузели и свирежи додека се обраќаа пратениците на СДСМ.
Во својата дискусија за францускиот предлог, пратеникот Антонијо Милошоски рече дека тоа не е предлог за отворање на преговорите за членство во Европската Унија, туку е предлог со кој на Софија ѝ се овозможува да се отвори македонскиот устав. Милошоски се осврна на стручни анализи од два института, тој потсети дека тие заклучуваат дека ЕУ мора да го спречи францускиот предлог бидејќи навлегува во идентитетот на македонскиот народ.

– За вакво решение, Владата треба да има широка политичка и граѓанска поддршка. Отворањето на Уставот нема да помине, туку ќе предизвика тензии внатре во Македонија, тензии во односите со Бугарија, а ќе одиме надолу во сите стандарди битни за животот на граѓаните и земјата. Помеѓу членките на ЕУ, пак, нема реален консензус за проширување со земјите од Западен Балкан. Во ваков случај, таквите механизми би го претвориле преговарачкиот процес во диктат засенувајќи го европскиот процес. Само ќе се фотографирате во Брисел, и ќе живееме во илузија дека отвораме преговори со ЕУ – рече Милошоски.

Пратеничката на СДСМ, Жаклина Лазаревска, во репликата, го праша Милошоски „кои сте вие да нѐ нарекувате предавници, вие кои имате по неколку пасоши во џебот“.
– Јас имам само еден – македонски, јас се борам за мојот македонски пасош, за мојот македонски јазик, за мојот македонски идентитет. Ние нудиме заклучоци со кои на Владата ќе ѝ наредиме никогаш во преговорите да не ги доведе во прашање македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Вие не нудите ништо освен поделба на граѓаните и изолација. Вие сте луѓе кои не ѝ сакаат просперитет на сопствената држава, затоа не сакате да започнеме преговори за членство во ЕУ – порача Лазаревска.

Благица Ласовска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, истакна дека со овој предлог пратениците од владејачката коалиција решиле по секоја цена да ја погребат Македонија.
– Македонски народе, во овој момент на ова место, кое некој го нарекуваат дом на народот и демократијата, една шака квислинзи, велепредавници решија да ја погребат илинденска и асномска Македонија. Надгробна плоча ѝ ставаат на државата, наследниците на партизаните се превртуваат во гроб и партизаните и илинденците. Овие јуди, овие Котевци за грст пари, власт и моќ се спремни да кажат дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик, дека сите наши учебници ќе одат на ревизија во Бугарија и само ако тие одобрат вашите деца и вашите внуци ќе можат да учат и што да учат, македонски народе, дека Гоце Делчев е Бугарин, дека Крсте Петков Мисирков е Бугарин, плејада на дејци што го дале својот живот се Бугари, дека младинците во Ваташа не ги убил бугарскиот фашистички окупатор, туку тоа било некоја улична пресметка, дека Бугарија не била окупатор, туку администратор во Македонија – рече таа.

Пратеничката на СДСМ, Даниела Николова, ѝ порача на опозицијата дека нивното викање и закани се за народот да не ја чуе вистината, за да ги скрие своите лаги и манипулации и обвини дека „ВМРО-ДПМНЕ е една антиевропска коалиција, која сака да дојде на власт само затоа што е исплашена од пресудите за својот криминал“.
Независната пратеничка во македонското Собрание, Санела Шкријељ, ги повика пратениците да го прифатат францускиот предлог, бидејќи, како што самата таа рече, биле разобличени во лагите.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Здравко Трајанов, пак, ја праша Шкријељ како би се чувствувала доколку некој ѝ го оспорува мајчиниот јазик.
– Дали ти Санела би прифатила бошњачкиот јазик да е дијалект на српскиот? Сакате да изгласате предлог со кој Македонија ќе добие трајна блокада на европскиот пат. ВМРО-ДПМНЕ нема да ви ја дозволи промената на Уставот – истакна Трајанов.
Лидерот на Демократски сојуз, наедно и пратеник во македонското собрание, Павле Трајанов, ги повтори неговите нацрт-предлози за т.н. француски предлог.
– Доколку предлогот беше добар, тогаш немавме да имаме собраниска расправа. Што се однесува до промената на Уставот, само доколку се обезбеди реципроцитет, значи доколку Бугарија го признае македонското малцинство ако не поинаку туку по основа на пресудите од Судот во Стразбур, тогаш и Бугарите ќе влезат во нашиот устав. Во спротивно јас нема да гласам за тоа – изјави Трајанов.

М.Ј.