Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според информацијата што се појави во јавноста, во учебната 2022/2023 во законски задолжителното основно образование се запишале вкупно 849 деца во Тетово. Меѓутоа, доколку се земе предвид дека во 2016 година биле родени 1.416 деца, кои годинава полнат шест години и, според тоа, тие според возраста се подготвени да бидат запишани во основно училиште, очигледно е дека недостигаат 567 деца. Каде исчезна оваа бројка на деца? И дали во другите градови и единици на локалната самоуправа е присутна истата појава?

Драстичен пад на бројот на влезната генерација во образованието

Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика, во основното образование се намалува бројот на влезната генерација во образованието, како и бројот на учениците. Така, на пример, во учебната 2020/2021 година бројот на запишани ученици е помал за 8,4 отсто во споредба со учебната 2010/2020 година. И бројките на запишани ученици во средното училиште и студентите во високото образование исто така се намалуваат.
Еден од факторите што влијаат на ваквите состојби се идентификува со феноменот на негативниот прираст на населението. Имено, според постојните податоци, околу 40 општини имаат намален број на население. Но со примерот на Тетово ситуацијата е сосема спротивна, а добиените податоци за родените деца, направени со едноставна компаративна анализа, не кореспондираат со бројката на запишаните ученици.

Големи внатрешни и надворешни миграциски движења на населението

Познавачите на состојбите со кои се консултиравме велат дека слична е состојбата и во некои од другите македонски општини, а ова, според соговорниците, се должи, покрај падот на наталитетот, и на внатрешните и на надворешните миграциски движења на македонското население.
Дончо Герасимовски, поранешниот директор на Државниот завод за статистика, вели дека намалувањето на бројката на запишаните ученици во Тетово пред сѐ се должи на надворешната миграција. Во однос на податокот што се однесува за Тетово, Герасимовски посочува дека не е целосен, бидејќи не е јасно дали во оваа бројка се вклучени и децата од тетовските села. Според него, доколку се земат предвид и другите населени места во општината Тетово, тогаш бројката на родени деца што не се запишале во основните училишта може да биде уште поголема. Герасимовски посочува дека има многу бројки што ги прикажуваат состојбите, но истите тие треба добро да се погледнат и анализираат.

Граѓаните до кои се обративме, истражувајќи ја оваа појава, а кои се непосредно поврзани со предметот на истражување (имаат дете или внуче што припаѓа на годинашната т.н. влезна генерација во основното образование), велат дека поради економската и политичката состојба во Македонија решиле да ја напуштат државата. Некои од нив заминуваат во европските држави на привремена работа, но постепено одлучуваат да ги повлечат и своите семејства, со што доаѓа до процес на трајна семејна емиграција и се намалува бројот на децата и учениците во нашата држава.
Леонардо Лимановски од Дебар вели дека пред неколку години заминал во Италија на привремена работа, меѓутоа поради подобрите општествени услови за живеење решил да го пресели и своето семејство во Милано. Лимановски, кој по професија е информатичар, посочува дека пред да замине во Италија работел во една од државните институции, но бил незадоволен од финансиските примања и затоа се решил да работи надвор од Македонија каде што неговата професија се цени повеќе. Кога ги согледал општествените и економските услови во Италија, решил да ги повика својата сопруга и неговите три деца.

Миграција на цели семејства со деца од предучилишна возраст, од внатрешноста кон Скопје

Поради внатрешната миграција, бројот на училишните паралелки во некои од општините се намалува, а во скопските општини или општините што гравитираат околу Скопје се зголемува. Податоците до кои дојдовме потврдуваат дека бројот на училишните паралелки во општината Ѓорче Петров и во општината Петровец се зголемил, односно се зголемил бројот на учениците во овие општини.
Македонските граѓани од внатрешноста на Македонија претпочитаат да живеат во Скопје, како што велат, поради подобрите услови за живот и можноста за полесно вработување. Во повеќедневното истражување и направената анкета, во продолжение издвојуваме покарактеристични, репрезентативни примероци што ја потврдуваат појавата на предметот на истражување.

Горан Пана од Струга, кој веќе неколку години живее во Скопје, вели дека решил да се пресели со своето семејство поради можноста за подобра работна позиција и висината на платата. Тој посочува дека и многумина други од внатрешноста поради слични причини решиле да живеат во главниот град или во општините што гравитираат околу Скопје, како што е општината Петровец. Според него, условите за одгледување и за школување на неговите две деца се многу подобри отколку во Струга и тоа било една од причините за да се досели во Скопје.
Бојан Симоновски, кој живее во Петровец, вели дека во изминатиов период многумина жители на Тетово и неговата околина купуваат куќи или станови во општината Петровец и трајно се преселуваат. Речиси идентична е состојбата и во општината Ѓорче Петров каде што многу македонски граѓани од внатрешноста одлучуваат да купат свои домови. Познавачите велат дека оваа внатрешна миграција во скопските општини и во општините што гравитираат кон Скопје дополнително ја усложнува состојбата, доколку се земат предвид малиот број градинки, бројот на основните и средните училишта, недостигот од паркинг-места и сл.
Внатрешната и надворешната миграција на населението ги празни градовите и селата во внатрешноста на Македонија, а истовремено внатрешната миграција предизвикува повеќе проблеми за градот Скопје. Овие феномени дејствуваат поврзано како „сврзани садови“, но и рефлектираат во многу други општествени сфери.
Во обемната студија на Одделот за население на Организацијата на Обединетите нации, „Перспективи на светската популација“, Македонија во „2050 година Македонија ќе забележи демографски пад за 6,8 отсто“. Тоталната фертилност, односно, бројот на живородени деца просечно раѓани од една жена, во 2050 година во Македонија ќе се намали на само 1,71 дете, додека таа бројка во периодот 1975-1980 изнесувала 2,54 деца“, наведено е во извештајот на ООН.