Измените и дополнувањата на девет закони поврзани со автопатските делници што треба да ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ се на дневен ред на денешната 112-та собраниска седница. Сите закони се по скратена постапка, а предлагачи се група пратеници од владејачкото мнозинство.
На дневен ред на седницата се измените и дополнувањата на законите за земјоделско земјиште, за експропријација, за урбанистичко планирање, за градење… Како последна точка на дневниот ред се измените и дополнувањата на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола), по скратена постапка.
Платформата на граѓански организации за борба против корупција преку отворено писмо побара од претседателот на Собранието Талат Џафери да го повлечете дневниот ред на седницата 112. Платформата укажува дека пратениците имаат должност да го штитат уставниот и правен поредок во државата.
– Ниту на пратениците, ниту на граѓаните ниту на стручната јавност им е оставено доволно време за да проценат во колкав обем се зголемуваат ризиците од корупција со предложените измени, кои имаат потенцијал делумно да ги ограничат заштитните механизми поврзани со остварување на човековите права, заштитата на животната средина и финансиските последици од даночните и други фискални ослободувања кои се предлагаат. Земајќи го сето ова предвид, Платформата инсистира на повлекување на точката од дневен ред на седницата и повикува на сеопфатна анализа и јавна расправа за тоа колку и кои ќе бидат засегнатите страни со овие предложени решенија, за да се ограничат можностите од корупција иницирани со дерогирање на постоечката законска регулатива на земјата – се вели во писмото.
Освен 112-та седница, Собранието денеска треба да одржи продолженија на уште седум седници, на 50-та, 71-та, 79-та, 86-та, 100-та, 103-та и 106-та седница.