Фото: Игор Бансколиев

Вкупно 20 фирми се проверени во завчерашната акција на Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и Управата за финансиска полиција. Скоро сите ќе бидат казнети бидејќи имале доволно залихи на овошје и зеленчук, но не ја почитувале одлуката за дистрбуција и продажба на најмалку 70 отсто од количествата во јануари и февруари. За нив ќе следат казни од 800 до 10.000 евра.

Како што објави „Сител“, двајца на Кванташки пазар се казнети и затоа што продавале како физички лица. Од фирмите, пак, се одземале фактури од увозот на овошјето и зеленчукот кои треба да покажат дали и како се лажирале увозните цени за да се избегнат царинските давачки. Истрагата и контролите ќе продолжат од утре.

Надлежните институции од фирмите ги имат земено сите потребни документи и најавуваат дека проверката ќе продолжи и денес.

– Фирмите во петокот не извршиле достава по одлуката за 70 осто од продажбата што ја имале во јануари и февруари. Сите надлежни институции ги земавме потребните документи и потребно е да се сработат. Истраги ќе има. Документите целосно ќе се прегледуваат и од другите институции, ова што ние сме биле вчера и што сме санкционирале не е запирање. И од понеделник ние како Државен пазарен инспекторат ќе бидеме на терен и кој нема да врши достава согласно одлуката ќе го казнуваме – изјави директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски.

Од саботата над 30 инспектори на Државниот пазарен инспекторат се на терен на територијата на цела држава и вршат контрола на увозниците на зеленчук и овошје. Инспекторите на ДПИ постапуваат во координација со Управата за финансиска полиција и Управата за јавни приходи.

Со контролата на ДПИ се опфатени увозници на зеленчук и овошје во Скопје, а влезено беше и на Кванташкиот пазар. Исто така се вршеа надзори и кај увозниците на големо во Струмица, Дебар и други градови.