Политичката елита нѐ прозива нас, професорите, да си ја гледаме примарната обврска и да ги едуцираме младите луѓе во Македонија. За нас, пренесување знаење и обуката се определба, а не само обврска. Нашата обврска не е насочена единствено кон младите, туку и кон постарите, особено кон носителите на одлуките што се однесуваат на иднината на Македонија. Ние можеме да предложиме, да предупредиме, да критикуваме, но не можеме да смениме штетни одлуки. Тоа е задача на народот, преку избраните претставници во Собранието на Македонија. Нивното постапување ќе зависи од тоа колку ги разбрале предложените договори, колку ги прифаќаат аргументите и најверојатно и политичката припадност
Енергетика и инвестирање во иднината
Во Македонија се евидентни два става во врска со итните непосредни задачи поврзани со енергетската транзиција:
1. ние да ги градиме енергетските постројки при што де јуре и де факто е остварен националниот суверенитет при нивната експлоатација;
2. постројките да ги градат „стратегиски партнери“ при што де јуре се изградени во Македонија, а де факто не е остварен суверенитет при нивната експлоатација.
Ние, групата граѓани (професори, инженери, јавни работници, меѓу кои и јас лично), сметаме дека државата треба сама да ја реализира изградбата на енергетските објекти.
Политичката елита и државните чиновници грчевито го бранат ставот дека во овој момент финансирањето треба да биде преку стратегиско партнерство.
Владата предложи преку Закон за стратегиско партнерство да се потпишат четири договори – една когенеративна централа препознатлива како „Митилинеос“ и три големи паркови со сончеви колектори. Комисијата за спречување корупција има забелешки на цели две страници што се однесуваат на овој закон: „Постои висок ризик од корупција и судир на интереси… е регулаторен ризик од корупција и судир на интереси“ се дел од нив.
Нашиот став е дека овие проекти и условите во договорите се штетни за Македонија. Го поткопуваат енергетскиот суверенитет, придонесуваат за финансиско оптоварување на граѓаните во следните 20 или 30 години. Се зголемува ранливоста поврзана со геополитичките тензии и флуктуациите на пазарите со енергија, немаме целосна контрола врз динамиката на снабдувањето со енергија, не обезбедуваме стабилност и целосна автономија во задоволувањето на сопствените потреби.
Наш став и уверување е дека Македонија треба итно да изгради самостојно најмалку две когенеративни постројки (Скопје, Битола), кои ќе користат природен гас како енергент/гориво. Овие постројки ќе придонесат за намалување на загадувањето! Особено во Битола, каде што голем дел од домаќинствата користат дрва како средство за греење.
Без базно производство на електрична енергија (јаглен и/или природен гас) немаме суверенитет во секторот.
Обновливите извори на енергија се добредојдени, но не се решение.
Кога се брани/промовира својот став за да се оправда доделувањето државна финансиска помош и други поволности (да не ги набројуваме овде) на проектот „Митилинеос“, не треба да се заплашува народот со изјави од следниов карактер:
1. „… со воведувањето на СО2-таксата граѓаните во своите сметки за струја ќе бидат изложени на најмалку дополнителни 100 милиони евра трошок“
Точно е дека ќе се воведе оваа такса. Точно е и дека при производството на електрична енергија со јаглен, емисијата на гасот СО2 е поголема речиси за два пати (лигнит 0,357, природен гас 0,201 kgCO2/kWh). Но цената на произведената електрична енергија од лигнит (домашен јаглен) била и треба да биде најмалку двапати пониска од енергијата произведена од природен гас. На таков начин крајната цена на енергијата произведена во РЕК е пониска и не ги оптоварува граѓаните.
Информацијата дека цената на електричната енергија од РЕК „Битола“ е 110 евра за MWh драматично укажува на повеќегодишно недомаќинско работење, уништување на темелната опремата, штетни милионски договори со надворешни извршители. Преку јавни набавки се бараат консултантски и проектантски услуги што се дел од редовните обврска на големиот број вработени во секторот за развој и инвестиции.
2. „… директниот финансиски ефект врз буџетот од данок на добивка, придонеси, царини и други давачки е помеѓу 120 и 150 милиони евра за 30 години колку што е предвидено да работи централата.“
Според оваа изјава, државата нема да добие 120-150 милиони од данок ако „Митилинеос“ не ја преземе работата.
Ако ние како Македонија ја изградиме, народот ќе добие од 1,2 до 1,5 МИЛИЈАРДА евра преку поевтината енергија. Треба ли дополнителна споредба?
Не ни треба трговец посредник како „Митилинеос“. Можеме сами да ја купиме опремата. При непосреден договор со производителот на опремата можат да се постигнат значителен број придобивки. И немаме трошок за посредникот „Митилинеос“. Опремата се испорачува како претходно оформени целини/пакети. На локацијата тие се склопуваат/поврзуваат. Од наши вработени со надзор на испорачателот на опремата. Стандардна процедура.
Договорот со „Митилинеос“, покрај основната, нарушување на енергетскиот суверенитет, има и други штетни, особено финансиски одредби. Непотребно издвојување 50 милиони евра подарок/стимулација. Ниту еден домашен инвеститор не добива ваков подарок. Не сум сигурен дали е даден сличен подарок за изградба на фабриката за електрични автомобили?
Покрај доказот од пресметките од колегите професори Трајковски и Туневски дека цената на електричната енергија е повисока од цената на берзата, од каде што можеме да ја купиме и без државна помош, стои обврската дека МОРАМЕ ДА ПЛАТИМЕ И КОГА НЕМАМЕ ПОТРЕБА.
Ќе се задржам на обврската за купување 275 GWhth топлинска енергија на годишно ниво. При дефинираниот топлински капацитет од 90 MW, за да го преземеме ова количество топлинска енергија, при стандардни услови на работа на системот од 16 часа на ден, постројката треба да работи со максималниот капацитет 191 ден годишно, т.е. над 6,4 месеци. При капацитет од 90 MW секој саат, 16 саати дневно!
Дали некој проверил колкави се вистинските потреби за енергија во топлификацискиот систем? Убеден сум дека ако провереле немало да прифатат во договорот да ПЛАЌАМЕ 275 GWhth топлинска енергија без да ја користиме. Потрошената енергија во топлификацискиот систем на ЕСМ Производство на топлина ДООЕЛ Скопје, признаена како трошок за купување гориво (природен гас), е 185. 2196 GWhth. Јасно ли е? Максимум ни треба 185, а прифаќаме да плаќаме 275. Да додадам дека државата, т.е. топлификација дистрибуција ќе мора во меѓувреме да изгради цевковод за транспорт на оваа енергија до локацијата на топланата Исток, а од таму дополнителен цевковод со препумпна станица за поврзување на топланата Исток со топланата Запад. Постојната врска е недоволна. Колку време ќе треба за оваа задача, која треба да обезбеди прифаќање на енергијата од когенеративната постројка?
Убаво звучи веста дека ќе плаќаме 40 отсто од регулираната цена на топлинската енергија! Па и денес толку ја плаќаме 30 отсто од таа енергија купена од ТЕ-ТО е по цена од 2,3 денари т.е. 43 отсто од регулираната цена (според директорот за развој и инвестиции на ЕСМ во емисијата на Канал 77).
Цената според која денес плаќаме за производство на топлинска енергија е 5,3 денари за секој киловат-час т.е. 86,85 евра за MWh. Ние граѓаните го плаќаме производството како да е целосно со природен гас; не е прикажан придонесот создаден од поевтино купената енергија. Може да проверите во одлуката за формирање на цената. Со други зборови, не ги чувствуваме придобивките од цената поради когенерација. Веројатно добивката е доделена на ЕСМ топлификација? Што мислите?
Нашиот став е дека е недозволиво денес да се дадат најповолните локации за поставување сончеви колектори на стратегиски партнери. На народот му се сервираат погрешни политички информации (фалби) како што е: „… само за две години во мандатот на мојата влада има 600 мегавати, тоа е повеќе од капацитетот на РЕК ’Битола’“, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, во интервју за МИА. Реалноста е следната: капацитетот на производство од овие колектори е на ниво од 720 GWh годишно, произведени кога немаме голема потреба. Капацитетот на еден блок во РЕК „Битола“ е 1.200 GWh годишно.
Изградените капацитети на сончеви колектори, заедно со предвидените со стратегиските партнери, целосно можат да се ефектуираат единствено со изградбата на „Чебрен“. Таму се акумулира дел од произведената сончева енергија, која нема каде да се пласира.
Може ли да се предвиди дистрибуирана државна помош внатре во Македонија?
Ако државната помош од 50 милиони евра се додели како субвенција во износ од 50 отсто од инвестицијата за изградба на сончеви колектори во домаќинствата, придружени со топлински пумпи и евентуално акумулатори, тоа ќе значи 100 милиона инвестиција, 100 MW инсталиран капацитет, 120 GWh произведена енергија за домаќинствата и другите потрошувачи и за толку смален увоз на енергија. И за толку смалено загадување на околината. Зошто не двојно повисока субвенција за малите и за средните производни капацитети?
Политичката елита нѐ прозива нас, професорите, да си ја гледаме примарната обврска и да ги едуцираме младите луѓе во Македонија. За нас, пренесувањето знаење и обуката се ОПРЕДЕЛБА, А НЕ САМО ОБВРСКА. Нашата обврска не е насочена единствено кон младите, туку и кон постарите, особено кон носителите на одлуките што се однесуваат на иднината на Македонија. Ние можеме да предложиме, да предупредиме, да критикуваме, но не можеме да смениме штетни одлуки. Тоа е задача на народот, преку избрани претставници во Собранието на Македонија. Нивното постапување ќе зависи од тоа колку ги разбрале предложените договори, колку ги прифаќаат аргументите и најверојатно и политичката припадност.
Јас така ја разбирам мојата професија и така постапувам!
Проф. д-р Константин Димитров