Учесниците на „ОРЦ Скопје“ се натпреваруваа индивидуално или тимски, а за пласман се земаа трите најдобри времиња за мажи во тимот и едно време за жени. Победниците добија парични награди и ваучери од првата приватна општа болница „Ремедика“

На терените на парк-шумата Гази Баба, со поддршка на првата приватна општа болница „Ремедика“, вчера се одржа адреналинската трка „ОРЦ Скопје“. Предизвиците за 200-те учесници на „ОРЦ Скопје“ беа поставени во дисциплините качување по јаже, прескокнување преку дрвен ѕид, носење вреќи наполнети со песок, ползење по кал, фрлање копје, совладување стрмен терен… Според организаторите на „ОЦР Скопје“, ова натпреварување беше вистинска можност за оние што сакаат да ја разбијат монотонијата на трчањето и да ги проверат силата и потенцијалот на своето тело.
– Вкупно, натпреварувачите совладаа над 30 пречки, ползење, прескокнување ѕидови, качување по јаже, фрлање копје и многу други. Сите пречки се совладливи, но потребни се сила и техника. Пречките се невидливи за учесниците до самиот почеток. За ОЦР-трките не се практикува претходно да се откриваат многу детали за самата патека и за пречките во неа, поради тоа што се смета дека непознатото ја обликува авантурата – посочуваат организаторите.
Учесниците се натпреваруваа индивидуално или тимски, а за пласман се земаа трите најдобри времиња за мажи во тимот и едно време за жени. Победниците добија парични награди и ваучери од првата приватна општа болница „Ремедика“.
Натпреварувачите беа бодрени од голем број гледачи. Ова е втора ваква трка по ред кај нас, по „Леуново ОЦР“, трка со совладување пречки во планинска средина во селото Леуново, Мавровско. Според организаторите, најтешкиот аспект за организација на една ваква трка се финансиските средства, кои тешко се собираат по пат на неуморна потрага по спонзори и поддржувачи.
– Се надеваме дека овој спорт ќе го види светлото во иднина и ќе наиде на соодветна поддршка, а со тоа ќе стане добро етаблиран во друштвото спортови – додаваат организаторите, кои изразија благодарност до „Ремедика“ за поддршката.
Од „ОЦР Скопје“ во иднина најавуваат повеќе вакви настани.
Пласман, жени: Душица Јанковиќ, Фросина Михајловска, Моника Стрезовска
Пласман, мажи: Никола Илиевски, Никола Павлов, Дејан Тодевски
Пласман, тимови: 3ТС, „Делта теам“, „Маседониа ОЦР“