Фото: Игор Бансколиев

Во овој момент е потребен отворен и широк општествен дијалог како да се најдат решение за целата ситуација и излез од уставната пат-позиција, решение со кое ќе бидат заштитени националните интереси! Разговори секогаш се потребни, но низ институционални рамки и со почитување на основните демократски принципи, а не крајната цел да се постигнува со уцени, притисоци, убедувања… Решението што ќе се донесе мора да биде плод на широк консензус за да може да биде одржливо на долг рок, а не да биде предмет на уште подлабоки политички и општествени поделби

Наместо министрите да одговараат пред пратениците, практиките покажуваат обратни тенденции

Како што се стеснува временската рамка до кога владејачкото мнозинство треба да ги спроведе уставните измени што претходно ги ветило пред меѓународната заедница, така расте нервозата на домашната политичка сцена откако стана јасно дека со ваков распоред на силите во Собранието едноставно е невозможно да се дојде до потребното двотретинско мнозинство за менување на Уставот.
Единствено што е јасно, тоа е дека собраниската расправа за уставните измени заврши на 18 август без да се гласа, бидејќи претседателот на Собранието ја прекина седницата со образложение дека гласањето ќе се случи во оној момент кога ќе добие информација дека е обезбедено двотретинско мнозинство, без оглед што собранискиот деловник предвидува целата процедура да заврши за десет дена.
Свесни дека во ниту еден случај не смее да се повтори преспанското сценарио, владините претставници сега отворено кажуваат дека ќе разговараат со секој пратеник, за да го убедат за потребата да се гласа за уставни измени и, како што велат, на тој начин да започне отворањето на преговарачките поглавја со ЕУ.
– Ќе се интензивира комуникацијата со секој пратеник во наредниот период. Ние очекуваме до септември-октомври јасно да се издвојат двата политички блока, едниот што е за членство во ЕУ што побрзо и другиот што е против членство во ЕУ и кој смета дека имаме време за чекање… Мислам дека ќе стигнеме до 80 пратеници, а се надевам дека ќе гласаат 118 пратеници, како што претходно рече премиерот – изјави неодамна вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

Се заборава на принципите на поделба на власта и на демократијата

Очигледно во намерата по секоја цена да се дојде до двотретинско мнозинство се занемаруваат основните принципи на демократијата и поделбата на власта, па наместо министрите, вицепремиерите и премиерот да бидат тие што ќе одговараат пред пратениците, се случува обратното, вицепремиерите и министрите убедуваат пратеници да гласаат за уставните измени, погазувајќи ги пратеничкиот дигнитет, слободното убедување и мандатот што го добиле од граѓаните.
Сето ова се одвива заткулисно, па затоа во јавноста се крена голема прашина и околу експресното носење на измените на Кривичниот законик, со што отпаѓаат многу казнени дела, на што реагираше и ЕУ, но и САД. Повеќе од јасно е дека во игра е процес со кој треба да се обезбеди двотретинско мнозинство, повторно на нетранспарентен начин, со скриени игри, убедувања, незаконски дејства, нешто што не смее да биде својствено за држава што претендира да стане дел од ЕУ.
– Сега повторно слушаме дека ќе дошло до разговори на министрите со пратениците. Неверојатно нешто. Прво, тоа е спротивно на начелото на поделба на власта, тоа го загрозува, отворено кажувам, она што го наведува Уставот во членот 63, „се гарантира дека пратениците ги претставуваат граѓаните и гласаат по сопствено убедување“. Не ми е мене местото во парламентот ако може да ме разубеди некој министер. Значи, министрите одговараат пред нас, со нас може да разговараат само јавно, на седница на парламент или да разговараат во рамките на комисиите, но не смеат да заборават кој пред кого одговара – вели професорката по уставно право и пратеничка Гордана Силјановска-Давкова.
Според неа, најавите дека ќе се разговара со секој пратеник посебно се спротивни на основните уставни начела.
– Предупредувам дека станува збор за прекршување темелни вредности на Уставот, владеење на правото, поделба на власта, понатаму интегритетот и дигнитетот на пратениците, понатаму слободата на мислење и слободата на изразување на пратениците и, на крајот, сите ние гласаме по сопствено убедување – појаснува професорката Силјановска-Давкова.

Разговори се потребни, но институционално и транспарентно

Клучна дилема е за што разговараат министрите со пратениците и зошто повторно толкава таинственост кога е повеќе од јасно дека кога работите се водат тајно, без консензус дома, како што беше случајот со преговорите со Бугарија и со прифаќањето на „францускиот предлог“, работата секогаш излегува јалова и на штета на државата.
Затоа во овој момент е потребен отворен и широк општествен дијалог како да се најдат решение од целата ситуација и излез од уставната пат-позиција, решение со кое ќе бидат заштитени националните интереси. Разговори секогаш се потребни, но низ институционални рамки и со почитување на основните демократски принципи, а не крајната цел да се постигнува со уцени, притисоци, убедувања… Решението што ќе се донесе мора да биде плод на широк консензус за да може да биде одржливо на долг рок, а не да биде предмет на уште подлабоки политички и општествени поделби.
– Со сите пратеници, Маричиќ може да разговара само според Талатовата „политичка процена“, зашто дебатата за уставните амандмани, во согласност со деловникот на Собранието, завршила. Впрочем, кој си ти да разговараш со секој пратеник? Во која нормална држава така се разговара со пратениците? Дали се разговара јавно или тајно? Што ќе им нудите за возврат – отворено прашува преку социјалните мрежи поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски, пак, смета дека владејачките партии со своето однесување повеќе личат на држави со дефицит од демократски капацитет. Таков белег никој патриот не сака за својата држава.
– Скриено договарање, тајни разговори со пратениците и нудење бенефиции е одлика на мафијаши и гангстери. Затоа, таквите поведенија треба да се напуштат. Не треба да постои знак равенство во јавноста меѓу овие две општествени категории – резигнирано потенцира Пекевски.
Познавачите на уставните состојби коментираат дека Уставот јасно предвидува кои се ингеренциите на министрите, а кои на пратениците и дека секакви разговори надвор од институционални рамки се притисок.
– Пратениците добиваат мандат од граѓаните врз основа на она што им го ветиле. Министрите не можат да бараат од народните избраници да гласаат за нешто за што не добиле мандат. Дополнително, министрите се тие што треба да се отчитаат за своето работење пред пратениците, а не пратениците да ги доживуваат нив и премиерот како нешто за восхит и да бидат обична гласачка машинерија на сè што ќе го побара од нив владата. Во Македонија повеќе нема амбиент да се случи пратеник да биде уценет како што беше случајот кога се гласаа уставните амандмани за Преспанскиот договор. И Владата треба малку да се свести, не може да оди со главата во ѕид. Ако нема двотретинско мнозинство, нека седне да разговара и со опозицијата, нека отвори поширока дебата и сите заедно да најдат оптимално решение како да се излезе од оваа подредена позиција во која е доведена државата. Мора да се најде решение донесено со консензус, сите да стојат зад него, а не само една страна – велат соговорниците.
Според нив, министрите мора да се свесни за својата улога и да не излегуваат надвор од своите ингеренции.
– Очигледно министрите сметаат дека се повисоки во функцијата од пратениците. Па, во западните демократии министрите се тресат кога ќе бидат повикани во парламентот на отчет, а кај нас е обратно, пратениците им аплаудираат на министрите ако се од нивната политичка провиниенција. Очигледно некој тука сè уште не го научил основното начело на поделба на власта, на законодавна и извршна. Со тајни разговори со пратениците нема да стигнеме во ЕУ – истакнуваат соговорниците.